Јован Котески. Поезија ЖЕЛБА Копнеам за едно ноќевање на ледината меѓу класаните жита и караците, кога зад вршките ќе склепнат зраците ќе слезат две заљубени ѕвезди од висината и ќе сме долго расонети во тревите од тивкото шумолење на посевите. ЕЛЕГИЈА Кој знаеше дека на твоето рамо ќе падне мрамор и плач на жени. Есента ги свена тревите, овчарите се враќаа крај реките забрзани кон море. Долините под маглата имаа жолти пејзажи, смртта газеше снопје смилен и сонце. Боса играта се разнесе на ветровите низ падинките со цвеќенца бели. Веќе заладува, мраморни блокови и разнесени лисје и спомени. . . Веќе заладува, крај плотовите некој полека шепоти: Снежи, снежи. . . ЗМИЈА Сепак ме клукна со осило од трн. Водата се измати од сино око до зелен облак. Во нејзините шарени утра ме препозна мајка ми. Тогаш ги режеа лозите и солзеа ѕвезди. СУВА ЗЕМЈА Таа има крила на мртва птица, перје на полегнати, ноќни јата. Таму, далеку таму зад облавите како расрдена, сива мачка се ежи црвеницата. Мртви птици, изгубени јата, испружени сенки од утробата. АНА Тогаш ги чешлаше косите и којзнае за кого мислеше додека ја гледаше бледата сенка на мајка ми што за три оки брашно клечеше пред нозете за твојот татко. Јужните ветрови донесоа пролетни води и за нас, Ана ние го знаеме твоето име и се заљубуваме оти ти имаш и земја и везени чорапи и широки рамења, Ана којзнае на кого мислеше додека ги чешлаше косите. Ќе ја доживеам уште оваа пролет со топол здив дојден пред твојата кошара што се распаѓа на ветрови и ќе се молам на земјата како на голема икона не за твоето здравје, не за твоите широки рамења, Ана овој ден ќе го запишам со името на сите гладни луѓе и ќе те отерам преку три зашумени планини, Ана да ти биде проклето името запишано со три обични букви пред кои се нишаше бледата сенка на мајка ми дојдена по три оки брашно, за обичен леб, Ана. РУЖА Оваа ружа крие во себе смрт, а има толку чисто тело! Долината го довикува срцето со румен одѕив од сонце. О мили спомени, о драги ѕвона како пред многу години на овој цвет болна сликата на мајка ми исчезнува. . . бистри води, совршени солзи и цветови. ЗАД ЈАМНЕНИ ПУСТИ Леле црни камења поцрнети сестри оцрнети спомени. По каменоломите и луѓето пеат со глас од кукавица. Навечер крај реките од синџири робје ѕвонат селски ѕвона. Леле црни камења! Како да се довтаса далечна Малесија зад Јамнени пусти. ПЕЧАЛБАРИ 1. Ќе дојде пролетта. Кукавиците ќе пукаат по своја рожба, жените ќе излезат по сребро над реките, земјата ќе мирува. . . И сè ќе има свое тајно име и пелинот и каменот и небото и тие што не се вратиле повеќе дома ќе испратат топли поздрави по сонцето. Само ние ќе удираме со црни крила по сивите карпи на времето. Никаква музика не ќе нè исплаче, никаков дом не ќе нè прибере нас тргнати, изгубени, неми. Само ќе се сетиме дека сме живеале некаков отуѓен, мачен живот. 2. Некои рекоа: ". . .не ќе се вратат заминатите. . .“, а и тие што се вратија со земја се зафатија и ја проколнаа својата мајка. КАМЕНОРЕСЦИ 1. Се враќаа крај реката тие аскети огребани од времето и маката. Рекоа, на некоја дворана во Персија направиле гола жена од камен. И оној човек со чекан на колкот го отежнал чекорот како од планина, очите не носеа пресечен даб, којзнае што носеа тие од туѓина. 2. - Мојот син, праша жената. - Ќе дојде Сандре, стрино, остана да ги доземе парите! После се сети како на свока рака и уште повеќе се сети за него закопан меѓу луѓето во болницата, во втората венеричка болница на третиот спрат, 24 - лево. ПЕТ ГОДИНИ Како да бев те видел, како да бев ручал со тебе пет години. Како да беше моја жена, како да беше! Детето остана на мојот врат ѕвонец на времето, гласило. Јас те заборавив, сети ме. Како да беше моја жена и по белината на телото и по животот. Пет години, сети ме, пет години. . . БЕЛИ ТОНОВИ Пролетта, како сновалка на бела преѓа, се заплеткува, се пресипува на ледината, зад градината, до чешмата од спомени чиста! Далечни, темни, длабоки гласови, никогаш недопрени до нашата душа, а вечно откинати од нас самите. Гласови сребрени, гласови меки - пролетни гласови дојдени до сенката на нашата среќа некогаш барана, никогаш ненајдена сега изгубена. Руменило едноставно по образите на девојките, по цутовите, по голите камени ридишта прокипува - пред само ние да пристигнеме, исчезнува - пред само ние да помислиме. Ослободена, како светлина од дофат душата го напушта телото, трепери. . . А можеше да биде сè наше, но не е! ВО ЗЛОДОБА На Кораб сребрени ножеви снег и цвет. Со црн коњ по бел друм Секула замина. Кучкин сине, во злодоба, каде? Само во сонот се мерка јаболко златно и смрт. Радика гласот од јужна земја го скри во пените и рика. Кучкин сине, во злодоба, каде? ЗМИЈА И коњот бега како сенка под матно небо. Сосем сам, со тоа нежно чудо си играм како со дете. А зелен плам се шири, како од мај се враќа и шарен поздрав во зер ми праќа - Ти човеку, од кој си род? КУЛА Како што треба црвец во дрво што упростува, упропастува, а беспаќето го најавува со трошен прескок преку времето; така и ние згризавме сами совест и прсти, да те видиме, како се рониш и како паѓаш димноглава висино, во овој сон. КАЈМАКЧАЛАН Луѓе раскорнете ја коскарницата нека се затрчаат черепите низ стрмните падини на Кајмакчалан. Велат, на каменот изгорела тревата, мајката го исплакала синот, времето ја заборавило мајката. Јас не знам кој со кого и кој за кого во кој ден, се кренал духот како магла што пасе ноќе по присоите. . . Дошле преку отворено море да го срушат својот бран, на Кајмакчалан. Можеби до черепот лежи черепот на тој што убивал, черепите се слични со каменот. Јас не знам кој со кого и кој за кого во кој ден, но ова чудо од коски ме плаши! КАМЕЊА Камењата како големи скелети мируваат, залетани кон темниот простор на небото. Нивните изделкани форми од којзнае какви предградија се качуваат, слегуваат и се подаваат кон сонцето, потпирајќи ја вечноста на своите пеплосани дланки. Камењата во себе кријат музика, што ќе го надживее имагинарното царство на пчелите и пештерите. Надвиснати, тие се довикуваат преку темниот глас на сопствените сенки, што ги придружуваат до нивниот заборав. Има црвени камења, камења со бели сенки и тие ги врзуваат реките со чисти и свежи зори. Но најголемите камења лежат подчекорот на луѓето, туркајќи ги нив, тие ја откорнуваат најубавата музика не времето и со свежина нова и чиста патуваат некаде. СМРТТА НА КАРИТОН Веќе извира тешко, како ноќ. Кренете го! Во полусон душата негова се качува по темни скали. ∕ироки, прегратка на ветрот го дочекува со плач. Пеплосана долината тоне во цвет од созвучје нежно. Беше ја љубел зората Со чист трепет. Сега, прекриен со крила од мртви птици, самува. Болката нема свој зрак како што нема свој камен белиот дворец на облакот каде што Каритон влезе. КАЛИШТА Слегувам по каменот ништо ново, ништо очајно. Водата е бисер - вода, убавината ја нема, времето не постои. Мајка ми пак некаде на сува земја длабоко дише и можеби умира. А јас во потрага по една блага клима, по едни црни очи, по некаква измаглина дојдов во Калишта. Дојдов во Калишта кога манастирското ѕвоно во совршен занес сонуваше тишина; дојдов кога каменот ѝ се допираше на вечноста, кога убавината како езерска пена ми ја матеше крвта. Таа веќе е ровка, таа веќе набабрува, таа веќе прекипува од убавина. Цркни! Се вратив од Калишта како стебло без сенка. Гледајќи те в очи додека твоите издивки како црни дамки на жолти крилца од пеперутка висеа во мене гледав како со блага линија водата и небото плетеа роза. Ми останува само да го соберам својот плач и да отпатувам од летото. МАЧЕНИЦИ (Детаљ од фреските во црквата Света Софија во Охрид) Ко зрак од сонце што болно се раѓа на каменот, а сенка внатре зрачи со плод од дуња кога в темно паѓа, - душа од еден маченик се мачи. По него друг, со откопани заби клекнува божем на престолот камен, но нежни свирки и цветови слаби под него горат со ружичест пламен. Тој мачно седи, со стемнети очи го чека братот земја што го згмечи, покорно, чека, вечност кај се точи, а знае: смртта, непокорно лечи. Зад него некој брчките ги рои, ко пчели божем мислите се шират; познава само цвет од жолчни бои и тие внатре болно ќе го смират. Се меша душа на покорник еден ко чад во темна, засенчена гора, тој знае само сплет на живот беден и знае дека не ќе самне зора. - Еве сум, имам лице земја сува (некој од дното се качува горе.) На врвот ножот отровница чува, в солза бескрајно се бранува море. Пред нив ко оган што зрачи и мами чекори старец - родословочетец. В небо соѕвездија трепкаат сами: дека е човек и дека е светец. По тебе, тело, земја в срце збрана се пласти поглед од кулите вити, крвава чешма извира од рана и горчлив пелин усните ги кити. - Земај ме, рече, тој што раце шири, земај ме! јас сум твој живот и корен. Но в жолто небо душата се смири, а лежи веќе цел во земја сторен. Со црна лузна на телото вито оној аскет со насмевка мека се подби, божем, разбрането жито, но остра кама под грло го чека. - Крени ме, рече, мој боже од цвеќе, моево тело со подбив те моли: Крени ме! Кога непресушно веќе Дланките мои е камења голи. Некој за сите оплакува време и бакнеж шири што мами и гори. Знам, рече, поткрена ти стотонско бреме, но кажи што ли рече во животот стори? На оној пламен во грло му сени и прсти нежни везилка му плете. - Човеку, кажи, колку сретна жени и кое од која ќе стане дете? - Моево око е мое до гроба оној се јави од престолот буден; цутеше тогаш едно златно доба, срцето мое е крстопат чуден. - Сираку, напни! Земјата те гори, крени ја навидум, сруши се в неа. - Тагата кажува, срцето кори, што бараш повеќе од горката смеа? ЗЛОКУЌАНИ Вие што сте ја кренале куќата темна како ноќ на ридот, како бдеење, сте го одредиле патот, сте го стопиле каменот - сте си направиле чудо! По толку години, клета, вратата, стапката, здивот, по темни скали слегува. Врати се! Во градината со бел цвет, крило од птица, со очи сино-небески ќерката на предачката самува. О, бела водо! Преку твојот притаен звук таа доаѓа сред цвеќе, ја набабрува дојката, ја осмислува зората и цути како алов мак на сува земја сред поле. Орачот, "де!“ во шумата светлост од ѕвезда што вене, првиот пат ќе се крене крај река, во поле, горе во височините темни ја храни браздата взори. Сал ни збор за предачката! Таа како блага вечер на некој листец од цветок бел, си ја одмора душата. Бегајте војници в зора! Разорани патиштата гледај: под копито коњско машка вилица се злати. По толку години, сами, дојдовме до куќата - молк. Ни плач на дете во ноќта, ни крило од ластовичка, ни бела врата, ни бел цвет зад срма од сонце. Само по темните скали, о време! плач на каменот: во калта ја побаравме чистата ѕвезда на српот. Душата на предачката во душата на ќерката, во душата на цветот бел самува. О вечност блага! Вие што ја ѕидавте куќата темна како ноќ, слегувајте си полека ронејќи камења бели по темните скали од молк. МЕЛАНХОЛИЧАР (Лик од фреските во манастирот Нерези) Ќе ме свитка смртта. Ќе ме отфрли душата и, останат во сивило, ќе чекам небо од подруг свет, о драга таго! Чекај ме, овој плач не се завршува со камен. Широка, со плачот внатре слезен, ти се потпираш на земјата, убавино. Низ зелените долини како девојка се шета смртта. Што бараш од мене? Капнува твојата уста, твојата снага твојата капка солза ко бисер капнува, само светлината те мами, ајде понеси ме в гроб, убавино, земај ме! Зајаздени, свирките како копја се кршат. Полегнати, стеблата пловат зад темни ридје без ноќ. Рудеење. . . Реков си тука. Допир. Смирување. Но како да се ослободам од овој плач што ме дои и ме погребува? Земај ме! Меко, меко како заспивање смртта ме заодела, чекај, врати ме! Само уште ветар свеж и тежина и доаѓање со нежен трепет до тебе. Збери душа! Ги слушам клокотењата на прстите, го слушам ударот со парче земја, кога се брануваш без сон, злолелеење. Похотно, на работ сме, застануваме: зошто небо, зошто земја, зошто умирање? СТРАВ Навечер ја зафаќа страв русокосата незгода на иконата и таа клекнува на колена пред едно кандило мрачно. Воловите го рикаат својот сој и застануваат слаби на деветтиот раб од месечината продупчена. Коњи со камени вилици во чии очи изртел трн трчаат по крастиштата пасејќи време. Леи со синолички се протегаат до бога, до оној неснослив ум на бесцветноста. Се покажува третото поле на месото: црвје во совршен хор го подигнуваат храмот што ги засенува. Гробиштата истурени, стари од памтивек мачен, го запишуваат својот жар во сончевиот уплав на каменот. Земја недотерана до машко име, слезена до реката што носи сноп од глуварици, ги крева мртвите прсти и рине злоба кон себе. Нели е време, мајко, да посадиме црни бигори? КУЛА Таму, од каде што извира сонцето, како лек овде-онде дамнината тоне. Кулата, како што сакал царот, демне во темните сенки во времето. . . Со стопени прсти, како восок, ќерките во нас седат замислени. Кој ќе ве дочека со црно грозје, штом сте се виделе - сте се распознале? О, прашни сенки по плоча-гробиштарка, ојте со здравје штом водата тече, водата тече а никој не пие. Спокојна, кулата камен по камен одронува и уште малку, само уште малку есента ќе ја прекрие со жолто злато. Забрзани реките кон море, чешмите в планина жуборат и птица зачудена, со најчист глас нè дочекува, о време! од кои дулци да се напиеме? По ридиштата глуждести дабови, - дрво шупливо - и летото што лета на крилја од млада птица зад нас умира. А таму, одкаде што извира сонцето како допир со фосфор се повлекува ноќта. НЕ ЗА ДОЛГО. . . Каде си во Долот? Стебло до стебло, сега си сраснета со коренот . Како ковано сребро, снагата ги впива зраците, не за долго. Твоите коси - црни леси ги мамат ветриштата. не за долго. Очите ти се свртуваат кон небото, прстите немо шумат, дланките во зелена чоја мируваат. Не за долго. По твоето тело како по празно корито ќе протечат пролетни води, не за долго. Ти си тврда и спокојна, ти ги разделуваш зорите и горите, но не за долго, о, не за долго! ЗАПИС Без твоите раце е како во деновите кога се допрев до бакарен сјај, во Дримкол. Врнеше, луѓето ја делеа правдата и земјата. Како изминаа тие дваесет години не би можел да ти зборувам, зашто накиснати се враќавме со овците и спомените. Купишта зеленило истураше пролетта наоколу, куќи притеснети, селски. Кога се гледаат победени а убиени тоа е грдосија, гозба на пци како пред многу години и тоа е грозно. Да, како можеше да опусте наоколу сè така кога ти реков: ај допри се до сè што има, до сè што ти сени пред очи! Не би можел да ти зборувам за маглите раскинати што се точкаа криејќи сè, насекаде, но овој плач дал гребе? ВЕЈКРПА "Каде ака, што ли сака, посестрима?!“ Така реков и пресеков, вудве, вутри, разлистени божји лозја таа има, а газојте ко сонојте сал ги шутри. Така реков и дотеков сиот в пламен, ме обзеде, ме превзеде, зорле, кутре; дур в долојте од болојте ѕвони камен, брана влече, а нè рече: "аман, утре!“ Ја поткачив, ја накачив забран кревка, зло да мисли, непомисли, сал се дрочи, само ваби и се аби, млечна тревка, клопи - топи, сласт ја опи, очи-точи. . . Небесата гонат - ронат кревки солзи, бели бразди в бескрај јаздат, тивка стреа наоколу тажен април нежност молзи, ја поткачив, ја накачив смртен неа! ТВОЈАТА ОБЛЕКА Твојата облека, од облак сјај, шум на дождопади што се пенат, глас од кукавица в родниот крај жолчно дамарите кај што сенат. И таа, ставата, збита во клас под сончев зенит мирно што дрочи, се фопка семило низ таен глас од сина саја до жедни очи. Рамнорее страста низ цветот бел, се сипе нежност на крила в зори; вител во крвта, а припекот пред ко зелен повеј на усни гори. В кошмарен занес, в стотаен круг, под светол кичер на млечно трло те барав, а зар не те допрел друг, на сува земја за рудо грло?! СОН Преслапта на Галичица Немееја манастирите под светол свод на лузна небеска, се скрши една вејка од млака водовритица на скокален род, просторот посоп од празна лејка. Ти заблазнуваше низ запурен пресен бол како заклапана пролет крај стрма лака и режејќи, ко со вретено, ужас гол - на посоп посегна од укор тешка рака. Што би, та врз гозбите се срони детски плач и чинам, со твоја светлост кандило гори; а таму, надолу, ужас и припек сач тенките жилки на болката мов ти стори! И ползев по оној стравичен и темен срт додека народ во кривудолица тиска и мрак мермер, ко скаменет лик пред пречиста смрт од тебе летната, во мене слетана, блиска. КОМИТА Сомнеж саќе: "в поле око, в гора уво“, на пусија бел делија доделија. Распукано јавор дрво дреме суво, ноќта в ровот зол комита преселија. Сон заборав плете мрежи, а тој лежи, дур ѕвездите ќе се ројат в бездна срашна, дур радоста ќе се крои и ќе тежи, тој ќе лежи со пчелинок в игра прашна. Да не беше дојден така, било кога, ќе немаше блик на светлост, сјај на зора, ни молитва, мелем - грло, плач до бога, - ќе лежеше Патот Млечен в ситна пора. На пусија млад делија доделија, сребро сребрат очи матни, жарој гаснат, распукани црни лузни зацелија, сал на ридот светли зраци в пелин јаснат! ПРОШТАЛНА Ми ѕвонат празни пространства во свеста, ко распнат лилјак пат се вдал, росоплет извор шуми жал: бакарно небо глоби в сури места. Глоби на медот горчината нема, на сонот ликот чезне пак, детскиот поглед - повеј драг (тајната на плачот име £ зема.) Остани, тргај, шепни в глуво доба: "ластари веќе бушав даб, засечи в корен со сув заб. . .“ крај нас немо сенат два-три сури гроба. Ми ѕвонат празни пространства во свеста, ко распнат лилјак пат се вдал, росоплет извор шуми жал: "празни се, празни невините места“. КИЕВ Живеете лепливи ко смола, старици од ритчето кај Днепар, живеете како болка гола од рана на пресно ранет вепар. Живеете, а лутаме ние ломни чеда низ рамница вита, над нас сонце украинско вие гнезда бели до сочните жита. Во црквата, сред Киев, што сакав да сум лемна мумија во дното! В крв и злато да подигам ракав ко безумник од платно на Ѓото. Сè замина во бескрајот сенлив, ко галија низ Днепар што мине, јас сум предок, ти бунтовник менлив во сјај пргав зракот што го кине. СТОБИ На пепел пенлива во тебе налик Стоби го градев, мермерот од укит свежо бел јанѕеше од дамнина, ко надеж што гроби, врз спилје сончеви со тег на вршник врел. И над камењето затаено глеј дроби времето прсти од згура и вези лем; оф, градината на сонот в уста ми Стоби: што? - зар звукот е закриен во кавал нем? А каква ли сочност за спомен сега коби времето, или тоа само ти си прв што си ги освежуваш утрата над Стоби, што гаснеш со изгревот в растопена крв?! На пепел пенлива во тебе налик Стоби го градев, талкајќи по камен - укит бел, несетно, за дар, мојата болка ја доби ликот мермерен, раздробен в прашина цел. ВРТОЛУМ Отшуме на летото златната пола со милост на фреска небото се гаси, а убоста обла рој млазеви гласи боја, крвта твоја, секавица гола. На зол припек цути ѕунлив дрен од пчели болка, сред два молка е изгревот менлив, пред око што зени и облакот пенлив жари ко да зари в наковални врели. И смртта што стаси пред зелени врати е восочна птица сведни што се дига, гледај! в топла солза бледа сенка стига: лик земен од кремен сонце што го злати. Со тих шепот залез благослов ќе рече тежок збор за двор пред осамени ниви, коси, слана роси, посребрени, сиви, смилје, зрело билје, долу што ме влече! ЗМИЈА В песочен недотек се губам јас, сон како бршлен нозеве ми ги вие, се довлечка змија во кобен час за капка зер низ светол сор да ми впие. Ме шпара на гради со сврдел врел, никајца - поле се шири и крвта млака; се будам, а под сончев вруток бел шарени цвеќа ми изникнале в рака. Пушта стрели а не штеди ни миг до под слабините каде тлее пламен на змијата глаголестиот лик го бладам, а нов поход трга под камен! Сè така! Сонцето, змијата, јас шараме сиви предели неми, болката, зрно од нарочен клас, за други жетви се преточува в земи. ГОЗБА На тамбурата гласот - конец златен ко низ иглени уши протнат стои. Подвижни брегови колкојте твои, Мисла мрежи плете ко пајак фатен. Се разврза драма со заплет таен, лица со дамки страст што ги пали, лица чиј пламен од крв ин нали поројна убост предзачеток знаен. Ти раце ѝ фати в урнебес кобен дур цутја ѝ капеа в сочни прсти, дур смрт од уста лакомо ѝ брсти секнати воздишки пред зенит гробен. Молкум се отна на гозбата збирот: глава без очи, без торзо што стои, се разлеа река од жолчни бои, под круна виси черепот на Ирод! НАСЕТУВАЊЕ НА ПРОЛЕТТА Твојот лик се покажува тука како крај река лузна пролетна: звук во круг, ти тука не си. Тоа срцето од гуштерица што пека сее живи бисери низ сито од леси. Нека разграни стеблото во росна капка, коренот и лисјето в плам од пора што е! В потај тоне бескрајот во черепна длапка, Сè што зрее немее под небото свое. Врати го часот пак што ќе те најде во светла шума сè со кобна алка од глас на утка каде морно валка вжарено тело ноќта штом ќе зајде. Кажи го сонот за брзаци вода, прикован кичер на трпеза чесна кај бол на кантар и јарем во песна ти лежи, тежи и тромо те глода. ГРУМКА И дојде: облината ѝ се носи ко срма сончева, на заод, в бело. Ги растури појасмените коси - русумен превез врз озарено чело. И дојде: крена алем - калем пола, глеј! лепо такеше нејната става збитост ороводна, дланка в дланка гола, грутка снеговита морници што дава. И дојде: ломна од пенливи страсти, мелица со две лица, руно в преѓа, црвена од морун в крв што £ пласти потполошки в полог, белогрива меѓа. И дојде: зад себе остави скрито жаловито пречисти души знајни; ко облаци в модро над зрело жито пловат кревки воздишки, грумкини тајни. ГРЕШНИЦА Нека чека, гром ја сопрел, плам ја греел, не е стока за на ока да се праќа, не е заем на стопанот да се враќа, тук е бакар под бел калај што си зреел! Со ветришта звукој топли таа шири: не се дава ни за глава, ни за нога, но ќе падне во вир зелен кога - тога, ко патрмка в гола дланка ќе се смири. Ќе се врати за да прати лути стрели низ трепките од клепките жар да рони, не е сребро на гол камен за да ѕвони, тук е извор в сончев зенит што се бели. Кога става тајни примки в снежни троски ѕверој вијат да преријат шумна длапка, не е рана од зандана, тук е капка под свод млечен, крај шум речен, среде боски. . . СЛЕКУВАЊЕТО НА ЕНА Катец гола сè до пола и од пола, очна белка жедно црнка што ја пие, сребрен бран в нежна дланка низ млаз што лие - два зрака ко сјајни лака в жолта смола. . . Едниот е гулаб - сонце што го прати низ урвишта чудно скудни, болно зрачни, другиот е росен славеј в преѓи драчни нежен столб што делка месец кај се злати. Од подвижен мермер градба сè во блесок сјае - зјае, шумно снопје, ломна снага, белегија, брст од бои, лажна дага, морничава скокотливост, жешка песок. Сета ѕурки и шабурки стракој дели, се допира, се опира, мазни, трепне, како искра наковално кога клепне во дамари гледаш грешни кај се сели. КОГА ЌЕ ВИ СЕ НАСЕЛИ. . . кога ќе ви се насели облак темен во крвта, кога ќе почне да ви лази златен бумбар по пупки, кога од кремен ќе ви летне искра, а сениште гази зад свеста, кога дланки - иверки бели ќе ја растурат жарта што ќе ве слее во калај, кога како отровни стрели летнете, стројни, со страста што ви блее во душите, се полни млаз ко стомни до грленца, каде што превулка вода со поинаков глас, а жедни и ломни се подавате за една тивка згода на блаженство, штом ревно в жили ви струи здив на лавици, молскавици од небе, жени, вие сте темен вртлог што буи, пред вас го молам бога, се барам себе! ЉУБОМОРА На тебе игра сè и ти веќе си зрела За трошни дела! Мислата бубалка шета низ пештерите на страста каде што цвета дамарот на езерото во трска бела. Не знам што ќе чинам преземам ризик траен во црвеница да газам, крај да ми биде! Од жили леси сплете, а несетно ми иде звукот од прстен што дреме во метал сјаен. Во ризницата каде што дното се мери со локви сира крв, аманет сум ти, клај ме! Ако раззеленам на птици стрвни дај ме поморницата на орница за да ме збери. . . Пламти летото како од чакали виеж, под плодот зрел млечен пат на полжав се раѓа. Спокојни игри ти биле штом в усртем паѓа црвеница врз стапалото за гол гниеж. СОНОТ НА ЕНА „Дил, дил“, гајдето офна и молкна сетне стана празнина како да не сме тука; глеј: ни лист да шумне, ни пиле да претне, ни сребро се слева по гранки од бука. Ќе да беше некаков панаѓур, може собир на бегалци, подзинати, голи, децата што стружеа прачки со ноже веднаш побледеа пред мајчини поли. Тие во тревите кутнати пред тоа што збиваа во блажени си клопки, вкочанети на времето, на гревот сопки. И да не повтеше рака, жими бога, да ми се качи нагоре како мрава по бутините на разголена нога, ќе станев ко нив со скаменета глава! ЗЕЛЕНИ ПОРТИ Што ќе биде по мене, а и кој ќе те разголува ко рана, од сонце ткаена и збрана кој в дамар ќе си делка оков свој? Кој ќе те лулка на имушен збор покрај распаќаа од рими, кој в крвта ќе ти пласти зими крај зелени порти, во таен двор? Кој в ноќта ќе ти молзи широк вик преку горостасна ти снага, ај, зари ко в смрзната влага, кој ќе ја ожнее жетвата - крик? Кој ќе ти скине пуполка прст со сета благост што ја имаш, со душа здивот што го примаш, кој ќе ни разлиста прикован крст? МЛЕЧЕН ПАТ Да се сфати таа лиџба, што глеј! не е од вир, а простум од длапка се отвора во златен полилеј тоа што е стрв пред тешка стапка! Да се продре потаму од тој звук што го нема, ко слеана жива врз рамења на светлосниот круг, кај мислата ко оска се свива. Да се биде со сета тежест, глас од тревата кај извира свирка, да се лее трепет како за нас низ сјајна пукнатина што ѕирка. Да се има , о беда, в грозен час не разум, а тег што ќе не вага, не славеј, а смет што ни крие спас в бескрај, како во азил што влага. ЗАД ГОРИ, ЗАД МОРИ. . . Во закамен најдов остаток од море: бран на виделина, линија што свена среде модра брчка од афион в пена, нешто воскреснато што ми сени горе. Најдов лик на мајка што уште ме плаче, свисна, недолисна, таа бујност в лозје, најдов црни очи, од бегалка грозје, детска смеа кога ми подава раче. Најдов сон, ко витез, бо нејната желба, снег, ко задник коњски на рид што се бели, најдов пиле - утка в мисла што се сели од око во око, од делба во стрелба! Најдов златен порој но тој таму тежи зад гори, зад мори, зад бели бигори, најдов нежни дланки, извори од зори, чиста солза каде бескрајот се мрежи. . . ПОКОСНИЦА Алчно му висеше над глава со сека: блескави бои, дипленица кова и секогаш светла и секогаш нова божем разлистена миризлива смрека. Под неа клукаше неспокојна жилка и крвта вриеше во кратер од коска, во скриена лава развиваше боска, од прашина трошна троскотеше билка. Косеше стројно, нечујно и свето, зелено и суво, распеано, глуво, похотно, поспано, во школа на уво си квачеше јајце за пиленце клето. И така од века се пени и рика ѕвонливо, над жилка немирно што клука, доаѓа во свеста ко безвредна ука, таа што е тука, сите нас нè вика! ПРИКАЗНА Кај да одам да го барам ликот весел што имаше земна боја, засек пресен, ко од глина в брчки него да го месел гладот - вајар, од два брега, в предел тесен. Отпатувал а в пазува бол си понел ко за доказ, кара камен, да го има, на ветрови отворени тој го ронел коравиот живот темен, смрт во зима. В сон се вратил по две дојки, два извора на праг куќен лудо дете да му дојат, чемерика - жолчно цвеќе од изгора, дијанин в лична пролет ѕвезди бројат. И отишол, кај отишол, господ знае, светот тонел в зрно надеж, в мисла штура, кај се допрел се изгорел без да сјае, кај се препнал се пресретнал среде бура. ЦРНО ПИЛЕ Црно пиле кукавиче што ми пее, што ми кука сказна горка, нечуена. В мисла кука, солза пие отруена: "Куку, куку!“ - црни гласој в небо сее. Црно пиле кукавиче крило вие, пат го чека сè до века поморија. . . Имам желба, еве земи, престори ја во мумија на дно земја што ќе спие. Црно пиле кукавиче, кука, кука, преку лаки, преку триста виножита. Има мајка тивка болка синовита што остана лута змија да ја клука. Црно пиле кукавиче, поштук фати, ај оттука, сосе гласот, налетлија. Кука пиле, глас се шири - проклетија: "Со окови тешки, нови, кај ме врати?!“ ПРОШТАЛНА Ми ѕвонат празни пространства во свеста, ко распнат лилјак пат се вдал, росоплет извор шуми жал: бакарно небо глоби в сури места. Глоби на медот горчината нема, на сонот ликот чезне пак, детскиот поглед - повеј драг (тајната на плачот име ѝ зема.) Остани, тргај, шепни в глуво доба: "ластари веќе бушав даб, засечи в корен со сув заб. . .“ крај нас немо сенат два-три сури гроба. Ми ѕвонат празни пространства во свеста, ко распнат лилјак пат се вдал, росоплет извор шуми жал: "празни се, празни невините места“. СЦЕНА Прстите допреа женско тело и тоа во облина потече како светлина во ноќта Потоа се мешаа јагули во клопка и би нешто убаво како отворање на света книга како влегување во Хераклеја И не смееше да се заборави тоа што е преѓа кај жената можеби нејзиниот глас или јазикот што го прави уште посвежо зеленилото Нешто што се лизга надолу како кованица од можен бисер АМФИТЕАТАР Повторно оживува амфитеатарот и како за чудо, сцената ја попрскуваме со јод! Пресната рана на откопот заздравува и почнуваме да ја подготвуваме сопствената драма. Во опитот некој се сопнува, друг се ничкосува на под, трет уште подолу и публиката громогласно ја крунисува туѓата трагедија. ПОЧИНКА Светлината рацветуваше над зелениот осој. Како бегалец срцето в заседа гаснеше вар. Камењата, тие мртви невини војници на времето чекаа мајстор што ќе ги поддотера. По ридиштата зазреваа жетвите и пееше славеј. Сè дремеше меѓу два огна. Посакав невеста меѓу две раце, коњ меѓу две нозе и два брега сведочат за починката и огнот. ВРЕМЕ Трагајќи по една црна овца како по илузија ни се покажаа ливади со боливачи, со бели и жолти, со црвени и сини преданија на природата. Минатото и иднината беше се согласиле во сегашно јасно време. ИСКОПИНА Та зошто да пееме за тебе а ти за нас и така како глас на птица дарежлива или дожд од модрина кога ќе почне да врзува грозд во нас се освежува твоето младо тело и очите ти се полнат светлина и ти одејќи се нешто вртиш како Оса што прво ни паѓа на ум а потоа нè потсетува дека постои Млечен Пат и други големи чуда пред кои Човекот клекнува И како да се осмелиме кога во мрежа нè фаќа конецот што не го преде пајак туку твоето слези качи се и сега треба да те сместам а ја оставам мислата во еден простор како пчела и врз гранките цутени се поврзува времето и водата оттаму тече и мудрецот пак доаѓа и нешто тажно се случува како душа да стои простум како да угрева женска убавина И иста болка не заплиснува и иста рака држи нож очите на гроздот се исти а стравот лебди под гневот на сонцето Но тоа што беше тогаш го остави во еден скинат пердув со милозлива насмевка потоа се допре прстот до жицата и потече гласот како млеко Ѕверките со опашот предеа и Човекот не бараше храм туку кревајќи те во страсти го изоде Зодијакот и семе посеа од харфа а мигот се отвори од боска и твоето тркалесто тело се откри ко зрело овошје СТАТУА 1 Ја најдоа облеана во својот сјај подалеку од храмот среде распарчени глини. Однатре ѝ бликаа потоци на дамнешна зора. Со тело што може да побуди рака и мисла во скриен молк, таа беше откриена на дело! Наоколу пролетта со живи букви ѝ го разлистуваше името: на усните и сипеше младост, по косата мирис од крин, во прстите разлеано сребро. . . Со извалкани тела од возбуда пред светиот Олтар каменувани од времето поетите ѝ ја читаа пресудата клекнати на влажно тло, каде што ликуваше природата. СТАТУА 2 Не да не ми беа драги Ми беа твоите расчешнати гради и папокот што не го прикажаа поетите како семка или како цвет од сончоглед и уште поблиску корнејќи те како билка тие полека те разголуваа и ти се покажуваше облината како корупка од желка Додека во сончев тунел беше си ја заврзала драмата се снајде дојде до нас со уста што цврчори како ластовица СТАТУА 3 На Анте Поповски Не ја изваја никој Таа заспа Во топол ден среде афионово поле Од болката ѝ се растураа стии меѓу чашката и нејзиниот врат најдоа кристална солза Собери ѝ го зерот Посади ѝ го во срцето што може уште да крепи Меѓу градите ѝ се сползга студено синџирче од змија Ај од снежен мермер ѝ блика млеко и светла орлица ѝ квачи меѓу колковите Одгоре три пауна сложно како смрт ѝ ја влечат кочијата небеска ПЛАДНЕ Се разниша тежата на пладнето од гулабов глас, песната што зенит нема се создава, потекува ги преплавува студените тела на мермерите. Оф, за еден допир би ѝ ги дал сите победи, порази, галските ножеви што се забодуваа во сплет од жили, би ѝ ги дал облеките на Атена, храмот во Хераклеја, свирките на Скиросовите ќерки, би ѝ ги дал и боровите шуми на Бигла. Но во ископината паѓа зажареното бреме на јули, а гласот што се слева во потенко созвучје на жежи - печи овде одненадеж доаѓа на парчиња како засирена крв. АТЕНА ПАРТЕНОС Твојата пречиста убавина се прелева во сноп светлина, во жолта грмушка од сонот. Извираш како од стебло и лицето и косата и прстите и скршениот извор од дојка тече во друго тело, се меша во друга душа, сличи на плодот што се престорува во плод. Го насетуваме здивот на животот во тебе, но правот во прав нè враќа, а семето треба да се зачува среде бурата, како крило од гавран, што ја раскрвавува зората. И ние, како мудрецот, имотот би го дале за сребрените гласови на водјето. Но грлицата прелетува од брег на брег а гласот в беспатје тоне и ако треба да се благува ќе зобаме грозде од плачот. Садејќи го на претците болот рацете пак ти се туѓи и мирисот на твојата душа е туѓ, се откриваш како поле на бегање. МИГ На Михаил Ренџов Запира бубалката на каменот и ножето ѝ мрда, поигрува, другото ноже го пушта потаму и зрак по зрак таа се слева со мозаикот, станува камче што го буди, што му влева надеж дека живее. О, вие што се кревате нагоре не сте едно, а мноштво, не сте осамени во својата убост, ви треба само кроток од! СОНОТ НА ХЕРАКЛЕЈКИТЕ Мислата ми беше да градам трем за еден воин од мермер што остана овде да му се чудам и секоја ноќ во крвта разлеана да го будам Сè во опачина со надулчена гуна и со брада слично на јарец пред скок и со други одлики што му стојат а треба да се рече дека му се здрави алатите со кои ја длаби убавата Афродита и уште една река Хераклејки Зашто пред да стигне воинот гласот за него допре до ѕидовите на градот Во мислите на леките запалени Хераклејки тој растеше со Елен Скок ликот од бронза му беше кован од ветер над морска вода и планината од него кинеше страк по страк нежност Но остана еве да му се чудам и секоја ноќ во крвта своја да го будам ФРАГМЕНТ Кога гледаме обла карпа в рака се потсетуваме на нешто кај жената што му припаѓаше на еден крал, а можеби сме ја имале сите ние во мислата и така сосем кротко ѝ се радуваме на нејзината игра; нејзиниот недостаток е што таа не е меѓу нас, живите, а броди сè подлабоко во свеста, без цел, со право на своја трајна победа! ПИРОВА ПОБЕДА И тие што ги носеа законите ги сееја забите како просо. Детската душа, запиша поетот е млада и чиста како палма што не расте во оваа стопанкина Хераклеја, туку во убави леи, меѓу топли заливи, таму каде што не стигна нашата нога во бегство! Имотот е пријатно уживање за тебе, Пир, кога го тврдеа тоа ја распалуваа светата вистина и судеа можно зад волшебниот брег каде што избиваше силата на зборот. Но најсветлото од сè е, о, Пир, да посведочиме за еден древен град кој ниту расте, ниту умира. ПЕСНА ЗА АРЕС Можеби спиеш со Арес окована во корицз од слонова коска. Можеби размислуваш за сонот, - спокојна вода нарушена од весло. Можеби колковите уште ти се пресни, а сончогледот син! Можеби и ти како сејачот во нетрпение гориш да ја посееш смеата, потоа гревот. . . можеби. Но блаженството дојде како олуја, како вик и крик, како вистина испишана со крвје. ПРСТЕН Како да минал глас среде прстенот на Сатурн каде самотијата ја крена правта и гневот се разлеа во жестока роса врз градите на статуа; ако кога и да е сте гледале купишта коски - тоа низ разбиени облаци, во бело делче на окото, среде урнатини, о мрежи, среде ѕвездените полилеи, нешто светка, налик на змија што се крева, земјата гори (и како не би ја сакале вечноста) кога жената се витка во клопче. . . Ако кога и да е, како смртта, косела туѓа рака, во пределите на можното, каде што сè оди кон сè, и го прави, о море, моето бдеење кал, (како не би ја сакале вечноста) кога подалеку од ликот, наспроти пчелата и бакарот пустошел умот. ЖОЛТИ ПЕПЕРУГИ Дај да ми се случи јас да бидам оној околу чиј врат ќе се бесат гроздови од прсти; дај да ги отворам камарите каде што се множеле убавини и зла, каде што се вајале витки женски тела! Дај , Оче, здравје за да се тргне од кај заднината на градот, да се гледа небото како лушпа на лискун. Овековечена е смислата на битот и се шири, како плима, златното руно на сонцето. Од мозаикот израснуваат разгранетите рогови на еленот, а жолтите пеперуги низ воздухот разнесуваат нежни панделки од пламен. ПРОКЛЕТСТВО Читај во синиот чад, походот е парче мраз, дивечот под завесата на дождот - божество! Повтори ми ја сликата од сонот каде што летаа трупци од стрмнина, разјасни ми ја - како се урива град! Не ужас, а убавина се таке кога патот нема застој, а пределите крај. . . Не ќе се искачи мојата златна птица на твоето голо рамо. Не ќе писне бел кавал дома, ни дома ти! ПРЕМРЕЖЕ (на отворена сцена) Ќе останев сред минералите во Катланово израмнет со својата Хераклеја која ниту нешто ми дава, ниту ми одзема. Ќе кружеа лисја наесен, назима ќе се точеа снегулки и смеа на расцутено дрво ќе ме бараше напролет. Јас во ново лето ќе се престорував само за една цел што ќе ме знае. ВАДА (бајка) на Јасне Дотече вода колку за една вада Можеби ќе ги поврати бубалките градините ленот Здивна водата и стори сè што му припаѓа на плодот Кога ноќта се исполни сјај, се позлати гумното со ѕвездени зрна од родот МИЗЕНА (пристан) Минува ѕвезден брод, квачка вечерница пивка. Од сттрав пред смртта душата на поетот трагичар сребрено мете расеан стих по театрите. Ако е Мизена, тука е. Оган врне во скок, ждрига магма и полни чаши спроти солариј. Врти агол во круг, макар обол шлем, макар само штурчево пеење. Ден по ден морето се голта. Ако е Мизена, тука е. Собери ѝ огнени сабји. ЗБОРОВИ Дадено ти е да скориваш збор од лежиште, да го бркаш како зајак што се враќа по иста трага. "Како“ и "што“ се капки дожд. За да се сплете коса потребен е збор со значење на злато или на катран. Зимата е дете, Гризе брадавица од дојка, се смее и плаче одеднаш. Од насобрани зборови се пали оган. Кон несреќата се придружува зло. „Плотта“ е заграден збор, но не ѝ достасува коска од змија! - Не си го оседлал ергелето, бре, те знам, го жнееш знаењето од сочни прачки! Но тој не остана овде, Си ја собра тајната во збор и си замина. ДЕМОН Можно е, рече Демонот, но треба да се гледа во сино, зашто во сино ќе заврши сè! Треба да се гледа во кругот што раѓа пламен, треба да се гледа во вжештените дуни на голи женски тела. Треба црвеното да се постави сосем долу и да му се даде, секако да му се даде божествено значење на гугањето. Тоа што пасе во облаците, од утроба е, Но не е важно, тоа се љуби! И да знаеш дека полилеј се мрести риба. За да се објасни секундата, рече Демонот, има три нешта, четвртото е равенка. Човек од сперма, змија од сперма, петел од сперма, рече тој, рамно е на бел пламен плус насобрана пепел. КАПКА Оваа капка е во занес! Таа сведочи меѓу пламен и злато, а за кално лице се одронува! Кога гледа калај гледа 'рѓа, зрее зад планина во длабок молк. Оваа капка, своина на памукот, се дои, еве, од расплакано око. За љубовта што не ќе ја сфати ѝ го отворам вирчето и ѝ велам: "Како капка додај се во сè, како вода одземај се од сè!“ НАД АЛПИТЕ (со Анте и Бранко) Гледајте ги јаснина Алпите, тие се на'ртена нога од крт! Ние сме точка во движење по кристално - сјајна магистрала. - Маглана што го повива морничавион 'рбет на џиновскион костур, продолжува, вели во виолетова сенка пресечена, можеби, од ситен дожд. . . Оваа рожба на законите во која се содржи јота од ум и срце од пламен, телото го обликува во проѕирна душа, во ѕуј на пчела што полетува и слетува. Семожниот млаз ги бакнува усните небесни со надлетана древна мудрост над Алпите, секој сак да пие од светлосните вимиња во храмот на божеството "Боинг 707“. - Небаре се клинести оние сечила што се креваат, оние јаснописи што извираат од магла, што ги оставаме трипати повисоко освоени со бело копје фрлено во етер. ЛЕКИТ (антика) Од другата страна на ноќниот вир сонот на девицата има почист сјај во кој невиноста се гледа со душа на лекит бел. На две страни роси, на две страни телото ти го сложуваат во земја, на две страни мирисите воскреснуваат небеска птица од глина. Камо среќа кајчиња да се твоите колкови и Стоби да не е мртов град што ќе го благословува опустошена душа! Да се напише лирика за галаксија ѕвезди, тоа е да се допрат две клунчиња од злато на вазна. ПЕСНОПОЈЦИ Тие како да врзуваа снопје светлина, тие разбоите како да ги поставуваа во кула под облаци! Тие ги затинаа отворите кртечини што се усложнуваа во некаква мелодија што е подалеку од сознанието на еден обичен слух. Тие ги матеа спомените таму каде што ѕидот не се урива од ехо. ТЕМНИТЕ Се приземнува глас на Толосум и вели: - Еве ги темните, јас со нив не излегувам на крај! Им ги растурам броевите, им ги фрлам сонцата во круг, очите им ги римувам, за да се знае, со пресушени извори. . . Зрната грозје во дискот се исполнети сочни полови, взалудно по театрите влачат време. Најпосле кој ќе ги создаде ликоите што ги нема, што се како кобили - молзници во сложен кас надлетувани од светлосни орли. . . Ни го земаа најмилото, вели, ај болот жнеел ај уплавот пустеел, сè е икра фрлена во бездна. - Ја пушта раката, ја суши плунката, благословува жедни души на деца и на атови, глас на Толосум. АГОЛ Најпосле ми упатија сино око од ут и ми рекоа: гледа во минатото! Откопував соблазнителна црква Молчев. Со мене молчеа ангелите. - Ќе ти го опустоши имотот ова јато што се крева во агол, - стенкаше водата во скротена стихија. Бев доста блед, како цвет при отворање и терав сурија изнемоштени светци. Со свирепа страст рибата ме погоди и ми ги доближи множествата души. ПЕСНАТА Има свое славно минато како кога доаѓа од војна или кога доаѓа од градење куќа. Има своја сенка и треба да ѝ се верува да поведе синџири бело робје. Ако вади очи, тоа е добар знак дека летината успеала преку море! Има калпак и разглобена е на илјади самовилски крилја! Слично на перје од ној Страк по страк кине и не прашува дали цвеќето е црвено, или плитакот е од туѓа тага. Сепак резбарот ја длаби во дрво со облик на чиста ѕуница. ПЕСНА ЗА ПЕЛОП Одамна се напрегам да ти ја превртам колата, да ти ги здивам коњите, да ти го допрам љубето на пропеана птица. Оската е во морето, дрвото ветер го чешла. Но што е тоа што ме тера да ја заменам жена ти за мапа, да ѝ го израмнам телото со Средоземното Море? Што е тоа што таа ја распостила нежноста во мојата жед, сред виори од движења и коби ја крева стрелата со која те гонам? НА МАЈКА ПЕТКАНА 1. (разбој) Ја видов Мајка насон седната во бел разбој ги распостила јатоците од свежи млазеви предива. До неа стомне пресна вода дел од богатството сашно за кое нема жива уста за успокоение. Подавам рака свежината се истура в блик, мостот меѓу сонуваното ме враќа врамена болка. 2. (леб и лелек) Врзува белото бозје, се ведри твојот лик Мајко прваспија ги одмина бојлиите буки и цела природа во круг ѕуни и цела природа на уво заустува! Небото истури жолти искри. Липот се струполи на онаа страна каде жедниците ги отнуваат своите чисти солзи - извори. Вжилени стоиме копајќи вземи. Со унес ми ја откриваш милоста како древна божица, смирена, мудра, и ме наградуваш со висок збор, со леб и лелек од нашиот живот. 3. (глад) Садот на печката потпевнува, Мајка преде, црвот резбари в дрво. Снегот надвор се ѕида себеси, трае урната, спокојна ноќ. Пајак од еден до друг крај врзува нишки пајажина. Прстите снежат кадела во пранги. Кандилце со бледи одрази мечува нејасни сенки на ѕидот. Нечујно се разлева темен глас: - Зар само за мене се урна светов? 4. (ковчег) Се затвори ковчегот на Мајка во зимска ноќ, земјата си го поврати земното, небото светото. Во ковчегот на Мајка има неколку диплени кошули, везени од ленено костенливо платно; неколку фотографии на татко ми од туѓина и една дуња шо нè залисува со мириси. Има едно крсте од вознесение во Јорданија една празнина од болка што ги исполнува нашите немушти зборови. Ковчегот на Мајка ги содржи сите патишта ослободени од земјава и продолжени до бога. Таа назорум му се приближува за да го отвори со една солза престорена во пламен. Сред големите ризници на овој несмасен свет ковчегот на Мајка е скапоцен, зашто дури сега, свети со неповторлива душа. КАЦА На Методија Фотев Ја поправаш кацата од бел благун. Дрвото избива од себе милостиво и светло со црвени парулки по жилите- Ги слепуваш дабовите деланки без да знаеш дека прстенот што ги врзува го разубавува садот за да се шири! Ѕвони кацата од допир со прст. Обрачите ги стегаат гласовите но пред да се решиш да ја исполниш кристали врати се кај дното зашто само мала непромисленост може да те открие како неискусен мајстор низ една осамена шурка од убавина. МОЛИВ На Иве Го зедов и почнав да цртам лик на дете. Тогаш и не ја насетував волшебната сила на моливот зашто под неговото зажарено срце почнаа да греат десетици насмевки, едно цело поле со весели сончогледи. АЛКИ (старзаманско оро, по војната) Писнува свирката на катун Еѓупци, збива планината в подмолен татон. Едно старче ја крева раката, ногата ја подава како да влегува в гроб, го фаќа ритамот на расплаканото пиле и опа! - го почнува орото. Еден по друг како алка со алка се врзува синџирот, се издолжува од премалени тела. На крајот од овој божји сплет едно извалкано детиште со лице пердувче го крева рачето во знак на лага и со камшикот сплетен од живи тела почнува да го камшикува господа скриен во свирката што плаче. ЗРЗЕ (песна за еден прстен од изминат век, кој се зачувал како домашна реликвија) Знам дека ти прилега! Што ти прилега? Мислиш на турбанот од црвен облак што се крева како зафатено ткиво од рак. Ти прилега парата што ја држиш половина смоква, половина глад, половина машка сила. Што ти прилега уште? - Ми прилега возбудата за која знам дека нешто треба да се менува со писмото под везот, со мислата што дреме како жолта ждребица во еден украден прстен од Зрзе. ПЛОДОВИ Кај нас не растат маслинки, ни калинки дури нема, прошарува понекогаш грозјето тоа е драгоценост за деца и пилци. Но затоа пак јаки се глоговите и чемерика има колку за два - три века, има пелин и босилек, едно кралство расплакани цвеќиња. Сè е диво и отпорно, хрането со цврсти минерали. Изворите го зацврстуваат огледалото и го превртуваат во ноќно мрестилиште на исчезнати сенки. . . Понекогаш, навистина, намерници ќе донесат кошничиња јужно овошје и тогаш ќе се потсетиме дека сме имале земја крај море. Некакви гласови од плодовите слушнале или прочитале воени мапи скриени тестаменти, можеби, но овој расад од размисла не никне! Кај нас и лаежот на кучињата има поинаков глас пред пупењето, кога ми се сони, кршлива градина сочни портокали, а тоа всушност биле миризливи сливи! Чадосана земјо! Од твоите склопци ми е земена семката и во низалка ми ја бесат по сивите межници на боиштата. ДИЈАЛОГ Доаѓа Господ и ми вели: - Што сакаш да правиш тука еј ти толку мал со толку голема жена! Со зажарени образи од срам, му велам: - Дете. Сакам да правам дете. Згрозен од моите незаделкани зборови дедо Господ се скри во трнот додека ги искачував питомите ритчиња на мојата голема, разголена жена. ѝ ги пребарував долапите, скриени и отворени, се мушнував во нејзините тигрести сенки, лазев по нејзините свечени бутини, ги отнував белите чешми на нејзиното јаве. Таа голема и натежната како клада ги листеше и ги прелистуваше моите пролетни утра, ги кинеше лисјата на мојата питомина и шепотеше: "Не си ми кажал дека и Господ веќе ги кренал рацете од тебе!“ Во тој занес од додавања и одземања кога мојата голема жена ми ја разбра смислата на мојата подзаостаната свест, дедо Господ повторно се јави: "Еј ти таму, што правиш уште, до кај си со детето? - - Готово е, рече мојата голема жена, дедо Господе можеш да излезеш од трнот зашто и овега го почувствував само како мрава! РИМСКА БОЖИЦА Ти благодарам Оче, што ми купи римска божица. Навистина е како од калап! Навечер ја разголувам и ѝ шепотам - Ајде, убавино, слеј се! - Таа станува и со бакарен толчник ме удира по глава. Мојата римска божица плете фанела, а веќе мисли на следното стрижење. - Влакнести ти се градите, вели, во нив може да се скрие крдо мајмуни! - Но јас знам, јас свирепо знам, во нив се крие само мајмунчето на мојата римска божица. Ти благодарам Оче, што ми ја купи! Секое утро таа ме беси на ченгел и низ замав со мечот на правдата ми ја отсекува главата. Телото ваму, главата настрана. Со едното око на мојата отсечена глава го гледам мајмунчето од туѓи спомени, со другото мојата римска божица што се упатува за да се пупи под туш. - Уште не ми е свежа ногава, вели, инаку главата ќе ти летнеше како топка! - Меѓу моето тело и мојата отсечена глава мајмунчето на мојата римска божица игра карти. Пих, се кикоти тоа гледајќи ме, - главата, тате, ти личи на кец! АПТЕКАРКА Таа ме обожава. Ме пречекува со акорди бели тонови, ми ги подврзува во грсти целофан моите растурени мисли, ми удира неповратни печати со квазерите на своите очи. . . аптекарката. . . Таа дораснува за да се поистоветува со пусиите со копиите со растојанијата. Од лозницата на моите хиероглифи кине бели гроздови горчина, ме испраќа во блажено растурена смеа, ми го поттурнува крстот на чело задумана, во друго стаписано време, се домислува и се престорува провиден ангел. . . Пред да го измери тоа што ѝ прилега на душата остава нешто да превагне и кон моето тело. Малку има скриено и за силата. - Ќе пиеш трипати на ден по еден сончев диск во магла, ако сакаш да се кренеш како меч сред шума! - Потоа аптекарката. . . ах аптекарката. . . во кружна линија повлекува метално топче и на тасовите од застоена вода се огледува. Таа е Божица на супер лекови, на супер нови. . . МОЗАИК (дисхармонија) Ќе поставиш црвено ќе поставиш сино (сето тоа ќе го испомешаш со жолто, зелено, црно, белото извира од Вселената), потоа одгоре ќе поставиш часовник од сенка и ако птицата крикне од мозаикот тоа значи си го преспал античкото време! Си фатил топли крилја в лет, вода во мирување, жица во треперење, си фатил син простор в миг кога сонцето се тркала - си го фатил моево око. РАЗДЕНУВАЊЕ Од под квачка Вечерница жолто пиле пивка - Не! Брод Соѕвездија ниша - Не! Сребрена метла мете - Да! Преку ридот се распарчи кристалот на небото, јасно. Ги растурија зрелите пченични класје, овде ќе одмора мојот син - рече и продолжи да сонува. ПЕСНА Прифати ја мојава беседа, кога ти велам, го слекувам облакот за да го облечам дрвото. На местото од виделина капе катран. Се отвора раната, кога ти велам, капе крв. Не се пробудија тие што мируваат во мраморот - тие се зафатени премногу со себеси, слични се на растурени улишта. . . ПРАШАЊА Легна со лицето надолу кон земјата, со дланките надолу кон земјата се вдаде како да сака да ја поткрене - и се сви! Го најдов пред изгревањето на Зорницата кога ѕвездата во двете празни пештери на черепот се скри. Кој? Кога? Каде?! КУБЕ Насилство над насилствата од глад за леб и љубов да умре среде светол храм; да се преобрази себеси во бескрајно кубе, да свети Орион, сам. РАК Го фати рак. Рак - фати го! Фати го - рак! Рак - го фати! Го молеа еден недугав лекар да го лечи. Лекарот рече: "Рак пак сече. . .“ Во реката ракот со нозе назад влече. СОВПАЃАЊЕ Кога Учело го доврши Ангелот на сите ни се крена косата РАЗМИСЛА (по запис на сликарот) Јас, Леонардо да Винчи, веќе се истоветувам со дамките на ѕидовите, со останките на огнот, со пепелта, јас веќе длабоко навлегувам во облаците или цепам во калта, одам на чудни места од каде што мислите ги испраќам во стада кон пределите на прамајката земја. Со нив и идеите. . . ПЕЧУРКИ На Весна и Санде Кога ги изговара имињата на шампињоните, вргањите, го снижува гласот како кога ѝ шепоти на жена штотуку расонета. Бербата е реткост, па со раце гестикулира сцена како кога на жена £ го слекува здолништето. Римскиот цар Марко Аврелиј кој никогаш не ни беше роднина, не заборавил да каже дека една зелена мухара може да уништи илјада легии римска војска! БРОЈКИ ЗА СПОРЕДБА На моите деца Васил и Јасна Во време на робијата мојот затворенички број беше: 6412. Во Хомеровата "Илијада“ стихот 6412 гласи: "Сега за татко ви ваш ќе ја платите грдата грешка“. Понекогаш нештата во времето и во просторот се римуваат и без наша волја. Што се може. ХРИСЕИДА Пред да ја врати кај милиот татко, Агамемнон беше ја гаѓал Хрисеида со црвен катапулт? Често, оддалеку, шаторот на царот и на краснопојасната девојка наликуваше на џиновска печурка крај отворено море. По сè она што е раскажано во приказната на цела сурија лекомислени мажи ни сега сосем не им е јасно: Кај кого девојката била робинка? Кај грозниот насилник цар Агамемнон кој непогрешно беше ја длабел, или пак кај татка си Хрис, мрсул на боговите?! ОБЕТКИ Нејзе Нејзе "Обетки пак "Обетки пак со три зрна со три зрна ко три зрнца ко три зрнца од капина црни“ од капина црни“ три капки крв три капки крв засирени засирени в жедни в жедни очи очи ѝ врнат. ѝ врнат. Знај: Знај: вратот на вратот на Афродита е Афродита е совршена белина совршена белина - слонова коска - - слонова коска - и и сјај. сјај. АНТИНОЈ Не ти доделија, како што доликува, Антиној, достојно место на љубовник - маратонец. А сите знаеја дека ја сврдлуваш со рог на полжав и дека £ го свртуваш капачето на кутичето златно на прекрасната Пенелопа. Но што од тоа? Во финалето на песната, поетот, низ иглено уше и тебе те протна како излижан конец. СЕНКАТА НА АЈАНТ Ајант - човек со душа на јагне и смелост на лав сонува мека таписерија под парталите на снегот што врне. Во ископина крај реката Ксант, (по измама на боговите!) сенката на воинот има црвен агол ракоположен со вешти потези на едно ахајско, распукано грна. СМРТТА НА ХЕКТОР Останките на воинот стинат. Покрај Ахил - лажливката лична и дволична Атена го докусури вртишлемот Хектор! Хектор пак пред тоа со други божици го битиса Патрокла! И така, Оче Асклепиј, од ден во ден, од година во година, боговите и луѓето се парчат и гинат. ПЕСНА ЗА ВОИНОТ Статуата си шета низ бронзата, вистиско будење е вистинско кога ќе излезе од телото, кога некој, како плотин, ќе ги собере сите бои. . . Некој, што по смртта му останува само времето во мене огледало исполнето лебеди. Огорчен сум: некој ми ги растура сулфурните руди. Во облаците. Воинот е воин на изгубени битки. Ги отворил приодите за чумата, сега е чувар на мртов град. Воденицата камења меле. ВАРИЈАНТА Можам да си претпоставам со какво чувство на одушевување и пораз се понесува Паско Кузман, археолог, во ископина, кога ќе открие јајцевидна глава од мермер! Најпрвин маестрото ја стега дланката како да сака да направи топка од снег, потоа ги пушта прстите кон цутен јоргован, извлекува разгранета шипка од азбест! Ја распоредува азбуката на минатото време. Темен е говорот на неговото камено дно. Но кога мислиме дека дошол до совршен крај, Паско Кузман ги покажува дамарите: Парчосува лирска стомна од лискун. Може да се оди натаму, вели Паско Кузман, па почнува да плете мрежа од страст. Оптегнува невидливо јаже од пламен! СРЕДБА Поетот Петар Т. Бошковски ми вели: "Во полнотијата на обврските време не ни останува ни за лек! Никогаш да се соса во редот и во векот овој напор што не нагрбува, немаме време дури ни да се искачиме до црквата "Свети Климент Охридски“, до гробот на Григор Прличев, сиот во бурјан, како поети да му се поклониме. Ете, мошне се блиску до суштината на поезијата ралото и мотиката, туку ние доброволно си избравме главоболки - да собираме пресни вести за културниот мозаик од внатрешноста и за уште неколку написи за настаните дневни со кои сесрдно ја потхрануваме историјата!“ Низ разлабавени слогови му велам: - Пишувам поезија и ми се чини мене за ништо друго и не ме бива освен да си го матам умот со кревки резбарии! Ја отворам дланката и му покажувам грст ситни плашици како огледалца, рипчиња посипани со сончева вода. РАДИКА (импресија) На Данчо Ордев Рика Радика, рика, можеби од жал што ѝ потемнува бисерот или што Вардар се влева во друго море? Меѓу врвовите на Кораб Сонцето со чеканот на Хефајст ти ја кова маската посмртна, човеку, ти ја разградува сенката на сонот. Не дебне ли вечна закана, од кого и зошто? Меѓу челичната пила на зората и нежното грло на морето се покажува осамено село - закотвен брод сред мртво море. А човекот? А драмата? А? ПЕСНА ЗА ЛУДИОТ "Замисли“, ми вели отсутно, "одеднаш мравките да се престорат луѓе како Мирмидонците и азбуката да им е сочинета од гравура!“ Се чуди за летот на птиците, но повеќе не прашува за принципи. . . Змиите ги споредува со огнено оружје. Молчи. Ме гледа. Со мене обично разговара со очи. Чувствува дека за него ме боли душава. ЕЈ, ЧУЈ! (народен мотив) Нема да ти го продадам коњот нема да ти го избркам кучето нема да ти ја земам топката нема да ти ја скршам стомната нема цртежот да ти го скинам ниту жицата да ти ја оптегнам нема маската да ти ја симнам, туку ќе ти ја гледам жената! Ќе ја гледам како стои пред огледало како турива млаз вода во вазна како чита книга слаби стихови како разлева бои на платно. (Се обидува, додуша, и на тој план иако самата е ремек - дело!) Ќе ја гледам како префрла сноп коса од едното на другото рамо, наутро. Ќе ја следам по плажи и улици ќе ѝ го пребројувам зрното бисер ќе ѝ ги одлетувам трепките ластовици ќе ја исполнувам до грло со нежност ќе ја воведувам во заумни сараи ќе ѝ прековувам сребрен прстен. Ќе ѝ ги разголувам градите свежи во трендафилови пупки ќе ѝ ги престорам. Ќе соберам свирци и жужалци козлиња ќе дотерам цело крдо ќе ги распнам едрата на ветерот ќе ѝ запалам ламба на пладне ќе ги размножувам очите на лишките само за една насмевка кришум. А можам да ти го продадам коњот, а можам да ти ја оптегнам жицата! ПОВЕДЕНИЕ! Така не се постапува со жена. Што дека е мраморна божица? Тоа не значи дека Атена Партенос не може да ти плукне в лице. Па да. До почетокот на трагедијата ќе се најде некој кој ќе ѝ ја измеша трагата. . . Ќе останат само празни ќупови исполнети излокана тишина. Но кој те прашува за маска на лицето? Кој те прашува за времето во неа несмирено што тече? АТО плус АТОТО Зошто ми се случи токму мене да ме напаствува АТО плус АТОТО, какво ли зло им нанесов на 'рктите, соколите, омнибусите? За задуманите, наддуманите, за заебаните по јабаните одѕивот се крши - карпа од карпа, АТОТО се мечува со себеси, се дроби во парам - парче! - А - а - а - а - зеат планините исполнети магли, правови, - А - а - а - а - дебне одмаздата сред ненаситост сура. "- А - а - а - а - а - а!“, - акнал та пукнал - ми вели воинот од мрамор, истото го повторува и облакот што се подготвува да 'рзне, платанот што се чешла на ветровите влегува во мене со АТО на чело! Со Господ напред ме снајде АТОТО, станав ризница на исчезнати гласови. ЛАМБАДА На Васил Атанасовски - Шумски Верувај, ќе ти дојдам на погреб, со големо задоволство ќе ти запалам свеќа ламбада и ќе се потсетам дека меѓу голите ѕидишта си бил затрчан рогат. Ќе ти дојдам на погреб за да знам кај е фрлен прашникот на злобата, а ќе ти запалам свеќа ламбада суровоста со пофалба да гори. ШАРЕНА ПЕСНА . . .Дури и од бубалката што невино лази по раката да те чува бог. Кога бев дете не ја знаев суштината што ја кажуваа постарите дека Бела Рума шара со очи. Сега, кога сум зад решетки, шарам со поглед по ѕидот и невешто се свртувам кон светилката облетувана во орбита од шарен инсект. Згаснува светлоста и преку решетките затреперува небеското стебло. Најпосле им се предавам на соништата што ми ја тетовираат душава. . . ДРВЕНИ ФИГУРИ Играм шах напрегнат во битката за победа, ги чувствувам жртвите на древната војска, а не ја чувствувам сопствената жртва. Низ проѕирната наметка на жена ѝ се гледа Евиниот Брег, ги краде воздишките што сега ги погребувам во ткиво од дрво. Стварноста може да биде позапаллива од зрно барут. Тронот е малку залулан, но сред зеленото кадифе паѓа пион. Сега, кога со лонче и лажица седнувам за вечера, чувствувам како сум поразен од дрвена мафија. Ме теши само помислата дека идната недела ќе дојдат пак како на гробишта за да ми донесат задушница. ГЛЕТКА Го прелистувам јасниот текст на црешата првестинка - неколку сочни плодови - брадавици на млада жена. Сината небеска лента ми ја преврзува устата, меѓу црвената зрелост на смеата окото ми останува бистро. Со засушена плунка, со поттик за ново бледило пребликнувам од кругот осуденик без дело. ПРИКАЗНА Меѓу нога и кол невидливо јаже се протега - тој е сопнат коњ. Пријателите со сожалување гледаат во него, го одбегнуваат и јажето уште повеќе го затегнуваат. А непријателите?! Не му останува ништо друго освен да го распнува шаторот во соништата среде ливада во расцутен пламен и низ една угорница, на Плачковица, да тркала - сув Сизиф - студен камен. ПОЕТИ Слушав музика и помислив - ако се тргне пеш од Идризово до дома и не е толку блиску. Телото е создадено за да се брани, никогаш не му давав значење на дождот што врне врз моето тело. Во Домот запознав флејтист кој мислеше поважно на земјава од флејта нема. Дури и да е така - не сакам да речам дека не се разнишани балерините, дури и излокани! Прстите почнаа да пасат по инструментот зашто без нив и гласовите беа архаични. Мислев дека во театарот се прикажува мојата идеална претстава - "Време е да се биде дома!“ Ми беше страв да не ми го украдат кварцот од коските и како може да не е восхит ниту еден стих штом ќе се заталкаш сред гробиштата во долно Нерези? Го отсопнав ритамот и во трчаница го забележав бериќетот небески, не беше којзнае колку сјаен! Еден црвен облак, лилаво - модар стопен во опаш од опал и оганот е оган, рече, и тогаш и сега и една тенка бразда чија вода секнува пред дури и да потече. Ни грст пепел. Се рашириле за да ја фрлат од темната мусандра, бездушницата: Хименез, Сеферис, Сен Џон Перс, Пастернак, Монтале, Неруда, па дури и оној несреќен Сајферт, сите се наттрчуваа на стари години кон целта носејќи го високо кренат водоскокот кон небесната погребна музика. Пред излезот од Капијата реков: - Што стори сестро поезијо со своето студенило од змија што им ги замати умовите на толку безмерно совесни луѓе? - Не е лесно да се биде толкувач на записите од мртвиот Дом, тие тоа беа. Всушност сите тие го оставија како бедна кула своето тело и од својот обем не излегоа надвор. - А, да. Душа е додека секундата лази по белиот стадион на часовникот, колку што се знае. Другото е отфрлена облека. ЗАПИС При помисла дека попладне во паркот ќе гледам црвени трендафили, се ежам. Имам чувство дека ќе се чепкам во отворени, живи рани. Тревата во алејата е обликувана во тепих, но неа ја газат стотици опустошени, заборавени затвореници. Не пристигнува никаква вест. Знам, се разотиде народот, се разлида по светот. Црвот на сомнението како да ја нагризува целата планета. ПРОЦЕС 1. На Кате Зазорува, чучулигата на ноќта пее во стиховите на Шекспир. Сега веќе сум "ни на небо ни на земја“. Може и дете со кревко раче да разјари лав, бик, човек, може да ме разјаде јанѕа. Сонував ергеле бели коњи, се преврте карпа врз мене, морето зина и ме голтна! Ми расточија сè: име, потекло, слава, ми ја оставија, фрлајќи ја со скратена реч, на слогови, поезијата! 2. Истрага Ги стегав рацете, се молев да одам да мочам, се разлавував како претепан пес, - кукавици, зар немате милост, помагајте! Чувствував болки на вратот. Насекаде ме боли. Отрпнат и тих во самица барав тврдо визглавје! Мачењето продолжува со врзување. Според продолжението на крикот на некој во "капатилото“ му го менуваат ликот. НЕЗНАЈНА (сонувано) За да си ја покаже нежноста Таа соблекува раскошни дреи, градите, бедрата, живото Торзо сè на неа и врз неа блескоти. Се покажува во совршен сјај оваа природна архитектура! Боже, ќе умрам, а без да видам жив вулкан освен овој што избива од нејзиното тело. Помислив: Еве, раззеленува бескрајниот зер на змијското Слово на поезијата! Можеби е Таа вистинската смрт? РАЛИЦА (ѕвезден полилеј) Преку решетки Ѕвездата Ралица ми ги открива сознанијата дека вселенската жетва ќе роди! Преку зборот Мајка ги доловувам светлосните години, ми треба уште само рамнотежа. Уф, зошто го раседлувам овој облак, зошто ми бега оваа расцутена Ралица во својот сјај и зошто ме наведнува кон Татковината со грешна мисла? ЛАСИЦА ВО СОНОТ Да ти ја плукнм содржината на идејата кога за мене никој не се стори жив! Да постоев во друго време можеби ќе ме трампеа за жито, за буре вино, за зрно барут! Вака, бидејќи "сум ја сакал Татковината“ ми ги замрзнаа коскиве. Се шмугаа обвинители во сонот бркаа ласици по волја на ветрогони! Помислувам: што дека сум поет? Да ти ја плукнам содржината на идејата! Смртта е една и единствена, неа не ја видел досега никој, па дури ни оној, распеаниот Орфеј. ОСУДЕНИК Прости му Господе на Мирко Дафиловски што го изнесоа низ капија со нозете напред! А знаеше, зад решетки, пејзажот да го оживува со неповторлива страст: овошки во цутење, цреши во зреење, поле изорано со мечти! Раскажуваше и за некоја Заспана Венера чии очи ги покираше со надолена, невина дремка, а раката ѝ ја спушташе надолу кон пупето. Овој безизлезен човек сред сурија дивеч чиниш преку решетки истура виделина како млеко од кобел во јуни. Помислувам: дрвото се обновува со корени, лозницата се закитува со лист, а јас со скуден збор се обидувам да го исплачам Мирко Дафиловски. ДУША (реинкарнација) Ако по смртта душата влегува во некој овоземен створ, дај, Боже, мојава нека се всели во змија. Шаренилово на сите им е познато. Свикнат сум да ме толчат по глава со сè што ќе им падне на ум, чесен збор. ТРАГЧ - Го барате, а зошто Ви е? Чунки уште нигде не одлутал седи под црни греди, ги брои, пребројува, ѕидовите од плитар ги потпира на своите плеќи. Дома е, а далеку е од дома. Дали се лажни неговите сетила? На крстопат е, а патиштата се пресекуваат во него. - Кај да оди? Богатството за кое копнее не е пелагониско зрно пченица, ни златно мијачко руно на уѓич, ни ровката земја на лозјето ни мекото грло на бозјето, чиниш мечеви се неговите мисли, сечат, парчосуваат, од под расплаканите стреи на дождот оди во шибјето, го бара она што никогаш не беше го загубил. Ноќум, по незнајни патишта, оди ошумоглавен трагач. Од далечина го слуша ревот на отуѓениот дивеч во себе. Му се придружува утка со утење, а тој си ги пребројува калаисаните садови од клетви. Читајќи ја нејасната а скапа азбука пред себе - тој посака и пиле да се престори, да исколви и скрупец сол само в поштук да му бликаат неговите неначнати извори. . . Една тутка земја ми се лепи за стапало ја вадам и ја месам, сакам да ја обликувам во сад. В раце ми бликаат својства: звуци, форми, значења. . . Вајам воин со оловна сачма, кокона-ваза што стои засрамена, од недолична шега си го поткасува јазикот. Вајам паун со раширени крилја, перјата на паунот му ги глечосувам со светлозелена боја на гуштерица. . . Воинот, коконата, паунот ги гледам во некое дамнешно неодредено сегашно свршено идно време. . . Над сè што постои, што го има и што го нема, секогаш ќе се најде по некој Плетвар во просторот што ќе ни го покажува својот морничав 'рбет. Писнуваат долненските гајди, хор нежни тажаленки се разлева во просторот, ги облева дубравите и реките. Во земјата македонска има села со привлечни имиња: Покрвеник, Старавина, Долно Дупени, Волковија, Слајло, Грешница и Душегубица не треба да се избрише од географската карта! Што чудо би тоа уривање села - арно де, сега и да сакаат не можат да им го повратат сјајот. Скраја да е, на сите на кои им се сонило, им велам: - Јас гледам една крупна и со големи очи жена, калеша невеста, во чија близина никогаш не удрил гром! Има исполнети гради - вретена (простено нека ми е, никогаш не сум £ ги сучел). Таа ми става само примка во жива стапица и ми го разделува умот од разумот. . . Жена, тоа ти е она што го има, што го поседува, што може да го покаже во стварноста, живо сребро во движење, укит што потсетува на разгранетиот спектар кај Њутн! Би рекол: растурена белина од страсти. Одведете ја во куќата на поетот трагичар! Нека лулее музика на залез, нека ги настрви животните во игра, во нагон, нека се плиска во жива крв, сновиденијата нека £ про'ртат во дрво, пупките нека £ се отворат во цвет, нека го пресоздаде Млечниот Пат од прапочетокот во семка, во мешунка, во структура на болка пред непознатото нека се пресели во нова Галаксија што ќе го држи светот на жолчна јадица. . . (Во меѓувреме, додека ја пишувам поемава:) Си ги замислувам кулите со куполите високи и стројни, реки од луѓе се слеваа кон словото на пророците таму каде што темјанот со боја на светол чад ги кади насобраните. . . Отсутен во присутноста а заробен во светла мисла, јас ги гледам недвојбено ангелите со кренати раце и распарталени крилја аровно павтаат во небесата. . . Жреците со ќелави глави плачат над мртва Богородица, а свештеници му се молат на Господа, го проколнуваат, да не допушти светицата да ја погребаат во природа сува и грда! Го видов Христа со трнлив венец на главата и си се замислив себеси кај што клечам пред него, ќутук! Зората веќе беше ги впрегнала своите црвени атови кога од мислата ме раздели препинањето на коњот и лаежот на кучето. Се најдов истоштен од ноќното патување на мостот што ги поврзува двата брега на матен Вардар. Помислувам: што значи тоа мал народ? Има мал човек, недораснат другар, дури и - злобен. Има мала приредба на скалите од паркот за разлика од онаа поголема на боиштето. . . Има ниско и високо дрво мало (вештачко!) и големо езеро во кое рибата не гледа со око на светец. Нема мал народ. Историјата е надничар во воденица, удира црни печати на вреќи жито. Рампите на тенковите - гасеничари ги дробат луѓето со земјата ги мелат и месат во прав. Дали потајум треба да се урне човечката природа? Дали духот е зборот или движењето на телото? Што може да каже гласот а да не го разбере душата? Познавам еден човек од историјата кој им е рамен на боговите. Тој беше прогонет од судбината да се пресели во ѕвездено небо. Пред мечот на Александар Македонски јас претпочитам изведен поход преку засек на карпа в џенем синдилија кај што зјае туку. . . , зошто му беше потребна цела Азија од Граник до Ис, од Гавгамела до Персепол и натаму до Патала штура кога пред очи му рееше сликата за својата расонета Пела? Јас прашувам: што му требаше повеќе неброено азно од тоа - кога пред Кан Ашур - Роксана ќерката на светлината изникна со сиот божји сјај -скапоцен камен во празно?! (Се кажува дека имала долги руски плетенки налик на млада пченица.) Ѕвездо од морска пена те извлеков раска од зеница за да ми бидеш жена. . . Сега сето тоа ми прилега на сенка што се движи, се оддалечува за да нè зближи. . . Што ми вреди сега мене гробот на Александар Македонски кога знам дека не знам каде му е, како да го посетам неговиот вечен мавзолеј кога е насекаде, а го нема никаде?! Како да му запалам свеќа лоеница кога е догорена? Ај, кажете како да им ја препуштам династијата на други кога го отфрлија уште жив, при жиоќе. Каде да му го пронајдам камшикот молња - душа со која ги бичуваше пространствата? . . .гробот му е во зраците на сонцето, им глоти. . . Под овие траги, од друго време траги, под срцето на невестата е заоблено а лицето ѝ е извлечено со горно подгорено усте - диск залетан од кај рамењата кренати над рамниот појас со првичен залет за долго патување. . . И пак сè почнува од зажарениот диск, дискот на сонцето. Во концентричен круг (координатен систем!) се вовлекува крст, беспоштедно ми го кове кафезот за робија. Моето пластично ребро на Адам го раѓа јазичето на жената и на змијата. Мојот монограм е запишан на гранка од бор. Врежана линија, струг, рибина коска ги крепи моштите со трајни вредности. . . По правило лицето на жената се престорува трагична маска. Ајде, не претерувај! Дај ми ја иглата златна за в коса, зад белиот мермер на рамењата и вратот со два прста ѝ го кревам праменот црна коса на таа што ја знам, што на тасови ги мери моиве 'рѓосани коски назабени клучеви со три запци, а никако да ја отворам вратата бележана од купишта гареж. . . Мојава коб не се променува. Секоја фигура може да се запише внатре во еден единствен круг! Ветви ѕидишта, ветви водата и твоето лице во мојата свест се чисти. Вознемирено го кревам мечот од првиот стих на поемава низ чии жлебови се слеваат и капки засирена крв. Присутна ти е силата, се насетува, подвижноста ти се отсликува во сè. Формата, гласот, белегот се само ситни одлики на крупен воин и дивеч. Сега во тебе легнува нечија туѓа сила. Зафатен со студенило се качувам кон кулата во која некогаш си престојувал морен во прегратки на ластегарка - жена. Во блескотот на сонцето, во везот на месечината облечен во ткаени алишта златникот ти се лизнал низ прстите, негибнат некаде се мушнал, потонал во калта, исчезнал за да свети, за да зрачи со трајни вредности додека ти, воину, мирисаш на пресна земја јас сум обгорена гламна џитната од џилити: сјајна златница за дополнување. . . Мислејќи за две тела што престојуваат во една душа, реков: -Не е мое да го опишувам морето што се врти во круг - сребрена вртимушка под острите бичеви на сонцето, ни да го прикажувам островот како отскриен папок од девица крај вода, мое е да ги скротам трагите во едно друго време, до една чудотворна вода што ги престорува луѓето штркови, а штрковите луѓе! -Златно Долно Коњари дали ќе те видат моиве очи пак ? Те обожавам, снежна планино, оти си недостапна за моиве траги, ти завидувам Силјане наш оти ја прелета височината со крилја на бакарна птица! И јас, како божјиот пратеник, би рекол: "Штркот има знаење во крилјата колку што има во главата и крвта, Аџијата има повеќе знаење во главата отколку во крвта! Штркот секогаш оди на нозе, лета со крилја, додека чапканот постојано се провира низ иглено уше за да застане на глава! Па иако штркот е песна, а трагачот катил, тие се крвни браќа по летање, сродници по ветер!. . .“ (Во меѓувреме, додека ја пишувам поемава патот ме одведе во Париз во потрага по непознати џенемии. . . Од тамошниот престој ми остана само онаа морничава слика за улицата "Bonaparte“ и за казиното:) - Гар е адот и - јок, дере аго - ќесето, дај го, јад! Ада страда, секогаш циганлија. Клампа в сон снежинка и уф, "малку“ бирото е в бар, барај чаре, Наташа! Париз или Рим - мода, бирај, томрук! Ушите ти се сè уште газе: Кој? Каде? Тоне денот бел. А јас, Олга, шега настрана, еве ме со клинци! Натанаел е ко 'ртка на Орфеј и скај икнува во прекин. . . Тина санта е солена! Лер е зер на содржината на технологијата и на телохранителот. Подрум и - Лодовик или Адамо? Кедон окат од Александрија шепне со тивок глас: - Жур - конак, лилав локум, а семе ли, траба ли рабена ткаенина или инаетење: совоѓо, соноѓо, Херере - испружено тело на одар пред опело. Танкер тегне нафта, павта ацетилен ко Вертер пред страдање. Килограм антибиотици, дај! Сè ко бише се тови. И - Сена - наѕира ко кос од далечина. Сонцето кроце слегува ко гарда, ко изгубен талисман. О, каква и да е, танчарка е, врзоп пред продавницата, но не на "Шид“. Ако она чудо вулвесто нешто и ти значи, така, мавнуваш ко раб во некое идно време. . . Ничкум се акварелите: "ес“, "ен“, "ад“, - Мазар Икар: - Што рече Мансур? - А, да: - "Ада не се начнува со зорт!“ А есен е, се насетува, стинее. . . (По враќањето од Париз, во Светиниколско, додека поетите политичари циркусанти ловеа зајаци и ситни еребици, гледам:) Над вирот кос, косвир, виркос, а скраја - ад. Анко, меанко, мене ли ме најде да бегам? Отаде оградата Отец, а тој ги брка телињата на пасење. Ти, шавро, на Гавро мислиш или сонуваш симид бел? О, ести, по топотот тој е со коњ. Кај му е мерцедесот? Еве ме и мене со квасец во стиховите: Ако ти стиска вмешај ме во ергеле! А ѕивка око длабоко - и : интимен арач. Дрвото и рајот се в прегратка, лист матен, видливо е, паѓа. . . в дланка на сарач. А ми такса сакат авар загар што ќе ќафка. Заобиколи ја тврдината со воздишка и знај: низ еден процеп на ѕидот мојата душа се огласува ко камбана, стрела со гласје на славеј. Пред влезот на една мисловна ризница ме обвинија за некаква статуа извајана во камен, но немаа доволно докази за мојата меморија и судењето продолжува низ векови. . . Се преиспитувам за да им речам: - Пред да ми раскажете нешто за сите, раскажете ми го житието само за еден кој се обидува наврапито да влезе во историјата низ мала дрвена врата! - Едно шарено зрно грав, една буба мара, едно детско нокте на кое е втиснато бело питомо јагне ме наведуваат да си ја препознам Татковината. Пупките на градите ти се зрели цреши од Брусник, очите ти се престоруваат ѕвезди, наново ги коваат искрите. . . Трагајќи по тебе чувствувам - ме вее ветер на бел коњ! Идам по твојата врела вулва, - мојата жива гробница. Пред куќата на еден волшебно болен, се чудам, се стаписувам, па таа е крената сред живи штитови, сред врисок на испустени деца. . . Низ зората што пупи, рудее се пробива рустикален бог, прашува: - Дали одовде поминал некој силен земјотрес?! Низ куќата на лелеците се сноваат скриени духови. Ја минувам вратата на заборавот и опа!. . ., в пресрет ми доаѓа еден мој брат кој живеел пред илјада години! - Ќе ја најдеш тревката, вели, во пукнатина на камен, чудотворна е, лекува. Таа е како вампир, насекаде ја има, ама не се гледа! На ридот се наѕира згрбавено село, надолу градот се постила кон морето. . . На пазарот врие од народ. Влегувам в пештера, ме плиснува студена мувла, во овие дувла редот треба да се зачува. . . - А што виде во Водоча, знаеш ли, сети се, кажи! прашува старец што кати зрна на гулаби. Од камбанаријата некој ме вика, се покажува сурлаџија, ги дуе образите. . . - Имај доверба во плачот на сурлата - ми вели братот сосем тихо, оној кој исчезнал пред илјада години! Слушајќи го лелекот на сурлата ми иде на ум да отворам книга, да превртам карпа, да станам дел на исконска скитија. . . Устрем да фатам! Созерцатели и трубадури, знаете ли кој ќе ви посведочи за волшебно болниот? - Се колнам, јас! Јас не сум за сегашно време, моето време е совршено свршено во иднината!. . . Исплашен од ветеното, реков: - О, Самоиле, протекуваш кон дното ко разлеан матен порој. . . Непоколебливоста на душата ти останува во еден неминовен круг од сознанија. Народот мрази, мачителите не попуштаат признанието за вината е неугледно и грдо, круната ти е распарчена со врисок меѓу облаците. . . И треба ли сега јас, место царот, да зборувам? - Зберете се млади мажишта од по ораници, фрлете ја коцката на судбината по кланици. Вие калливи немтури од по камена клека кај што прч мека, кај што камењарка се вие во обрач студен бидете на штрек во часот суден. Селани пред олтарот на црквата со вашите моленици, дојдете, кавгалии, со издраскани коленици, кашкала од луѓе од ковачко и козарско племе посејте го, на Беласица, за идната челад вашето семе. Зафатете ја работата до крај стамено со сериозност на луѓе што кршат кремен или на очајници што посегаат по ремен. . . Ќе сретнете непреодни патје, недостапни дрзги, но и кога ќе ви ги ископаат очите, ако падне, кренете го знамето окрвавено. . . Не е секогаш правило Божјо дека бежаноа мајка бело носела, дојдете од кај Бесценци, од кај Габрак, од кај Вражја Чука соберете се пред кулата во Клуч (потиснете ги исконските бесови), плукнете им в лице на Византијците, на вадиочите, речете им, барем тоа можете: "Змиина помајка да ве клука!“ На аголот од ѕидот висулец виси, меѓу божурика и ѕвезда кулата дреме опашана од вични легионери што се сноваат со остри мечеви, со оптегнати стрели, со исконски бес, о цару, часот се приближува - воините се во напнати движења - пламен со пламен се проголтува, часовникот песочен покажува сал едно исто време. (Макриево, 29 јули 1014 година) Над Беласица, од ведрина, во румени одблесоци врне оган, а смртта ги мете постелите на планината и црвен кукурек цвета. Можеби ти шепна ангелот на душата: "Еве ти родина, еве ти го името од лелек поган - нека ти се стожери!“ Бре, што тиќе ќе беа тие што вадеа очи? - Што милет ги окоти пред крвта што како вино клокоти? Зафаќа силна, огнена поројница, виулица вжештена ги понесува петнаесетте илјади млади делии во прегратката на смртни ќелии: насилниците од очите на воините како од чисти извори со жеженици им ја црпат светлината - в заум приклештена. Тогаш по ридиштата, по крастиштата, од Добра Вода до Орли Врв низ прнаришта и папрадишта роси крв помешана со остри крикови на искасапени ликови. . . Вие валавичари, што ја сновате водата во преѓа со влажна линија одредете ја безумната меѓа на крвопиите, на кои, по жолчноста им е сестра само стијата, зашто трагајќи низ хрониките на вековите, по свирепост не најдовме сличен пример на ѕверски окот во течението на историјата. Црни ораници, наросени мироносници, кажете: - Кој ќе ги растури осите од осарникот, змиите од змијарникот, кој ќе го пресече конецот на жолчни мрави во мравјалникот на мракот и дали засекогаш се поразени оние што се згазени? Ај, кажете: дали во едно зрно песок засекогаш е згаснат сончевиот блесок? Дури и кога насобраните слепи врвулешки тргнаа од по ридиштата во долиштата играјќ£ го орото на смртта напред- назад, се виде: сонцето остана вжарен печеник со сеченик за повторно идните набуени рожби-врутоци со оснажени стапалки, врли трагачи, да газат! - А што виде во Водоча, знаеш ли, сети се, кажи! - Видов, Оче, чумава мразарница што ги проголта ослепените војници во матен вир в долж и шир видов замрзнати чучулиги; тоа, мајките, низ вез на лелеци со глас на кукавици бдееја над својата судбина на вечна стражарница! И видов во црквите по фреските намуртени ликови на занемени преки светци, тоа, низ молк, ни ја прераскажува пораката на битката нашите воинствени предци. Во Костурино, Вдовичино, во Вељуса молкот цвета преку илјада лета во манастирите, а водата тече, тече. . . Самоиле, на поемава, пред да ѝ ставам ѕвездена точка, од тебе барам неодлочна прочка за браќа ти: Давид, Мојсеј, Арон, барам за нивните коски спокој и мир пред нивните сенки и нашите ликови зафатени во воден вител од крикови. . . Барам спасение и утешение и за твоите ќерки - Косара и Мирослава, зашто ако не ти забодат 'рѓосан брут во слабините најблиските - залудна е секаква слава! (Додека ја пишувам поемава, помислувам:) Куршумот уште не ми поминал крај уво, не ми го распарчил черепов, не се вовлекол внатре каде што се квачат стиховите; стојам простум и го набљудувам животот - прилепена латица на распаднат самар! Од лошо полошо има, знам: синоќа на телевизискиот екран ни ја прикажаа премиерната претстава на боиштето. Актерите лежеа на земјата во земја престорени: неколку војници со цокули на нозете, со распаднати скапани лица, изедени од олово и мувла, а зошто? Зошто во тревата нозете им се - оголени писки, а на писките - цокули?! Ги лази инсект, им ја пие последната капка крв, а земјата не се оптегнува, не се утисува, таа останува иста - сура и грдоманеста! Зошто војниците ги трампеа за студено железо своите топли здивови? Кој им го одзеде сонцето од дланките и зошто? Зошто заспаа вечен сон во долината испратени со посмртни, жолчни труби? (Некои од нив уште немаа сетено во прегратки женско тело!) Протекоа како матна вода на ланските снегови по брегови. . . Надошле турма на Турци - катун еѓупци, прст и плева чиниш скакулци го поплавиле небото во полето шатори, во градот грабеж, вриеж и колеж. . . Црна Арапина - (поцрн од стихот за петлите на Радован Павловски!) ги празни амбарите, бурињата, пече јалови крави и телци, ги обљубува и ги погубува девојките, невестите ги врти на вжештена пружина! Болен Дојчине, грешна душо, кажи! Зошто ги налегна трите божици кога знаеше дека не треба да се мешаат божествените нешта со човековите смртни работи. Те казнија боговите, да знаеш! Сега се костиш коска од коска, кости се. . . Кога ти беше најпотребно, пријателите со кои си делел скапи ретки дарови, од кои си пиел "трпко рујно вино“, со кои си отворал кутичиња на девојчиња - ти откажаа доверба. Ковачи, налбати, бербери. . . на сестра ти ѝ бараа тесно! Па сепак, иако ЈАС сум сенка во твоето ТИ, ТИ го изведе делото - го победи злото. Сега нека те исплачат илјада свирци дабоани и нека ти е наздравје!. . . P.S. Нека ти прости, ако може, колку што може и колку што сака сестра ти Анѓелина. Ја сретнав и ја запознав на морски брег во солунско поле (сентиментална!), ми вети ама не дојде на едно дамнешно ранде - ву! ѝ реков: - Срам да ти е ако немаш чаша чабурлија, арам да ти е ако си облечена во црно! Мое е да ти кажам дека не е правоаголно морето, ни кружно, тоа што ти се причинува дека е - е само капка смрзната вода! Да не заборавам за жена ти: и таа е топла и пресна за онаквење како секоја жена на вазал. . . Туку - да бев на твое место и јас би влечел, би сечел на парчиња. (Во меѓувреме, додека ја пишувам поемава:) Месечина се фаќа за својата јадица во вир - коп косите си ги чешла. Утеха наоѓа во ветките на јаворот. Таа е див пасак на чакал, работи како тисар, ноќе со оловни знаци множи кирилица. . . Месечина, Снежана од гатките, бара хит во некој ноќен бар, се става себеси жртва на автомати. (На какви автомати: музички или огнени?!) Низ круните, стеблата ронат воздишка, има засенети места, диви меса на селени, грамада мразеви пред замижување. . . Месечина - стежната влажна ортома не се гледа ништо во вир- коп освен нејзината подвижна лика. . . Мота коприна пред да дојдат дождовите. Таа е око на ајкула во чија зеница се разлева алена пипер. Кочија позајмена од античка амфора. . . Житото никне, пшеницата ќе узрее јас сега треба да те разбудам обла и топла со страст што ти буи од кај бедрата и те плиснува, те зафаќа оној порој што се близни во витли, што длаби преку свирките ја начнува твојата става - воденичен камен сласт што меле - и од тоа спојување, оплодување ќе потече нов извор со ликот твој и мој со очи зелени на полето и ромор зелен на реката ќе се вивне како ветрогон нашата рожба над свирките зелени на врбите, на облаците, темниот гигант на предците - плотката ќе се извива како нескршливо торнадо во просторот својот искон да си го бара. А ти, спокојна, мека и обла ќе ги наличиш сите хармонии на природата да те гледаат и да те слушаат со гладно око, да тонат во твојата мекост што неодложно ми ги заслепува очиве за да те видам! . . .Зениците ни капеа в поле благодатта ја баравме во неизречени зборови начичкани во бело и црно грозје, во полно виме на класјето. . . - Пазарџии, вие што се враќате од град, што го делите меѓу себе лебот на немаштијата, прашајте го гробот на Осман Кица, качакот, колку километри не делат од сиромаштијата?! Видов распарчен човек, расчатален, престорен суво дрво со избраздени стапала потпрени на сува земја (корените му се длабоко во почвата), рацете му се глуждови кренати в небо, тој рида, плаче без глас, липа со скржава офтика на лицето, главата ја сраснал со стеблото брчките го оддаваат во "неимоверни маки“. Очите гледаат, што гледаат очите? Ама - го гледаат здивот што му запрел на усните, го гледаат челото што се избраздило в порој, животот што му протекол низ 'рнките со црнила гар! Тој, човекот, се завиткува во себе, станува споменик што ни пркоси нам и на вековите. . . Трагите водат, а очите кажуваат: зад голиот тревлив рид над црквата кога слегуваат дождовите до нашите домови, лете - боите си ги покажуваат своите непобитни твари: црна, костенлива, темносива, кафеава, светломаслинеста, светложолтеникава, а над нив, како кралица на молњите, црвената господари и жеже! Во зависност од глината вирот е широк а водата се бистри. Тогаш доаѓа сурија саѓесто - лични крави и жедно, црпејќи ја свежината, се лелеат. Всушност се лелеат истовремено нестварно во водата а во воздухот си ги преплетуваат роговите (инстинкт на животинско ритуална игра) на една започната, нагонска стихија. . . Се лешкаат помеѓу две фантастични состојби. . . Кравите рикаат по својот искон, по својот сој, цапајќи во вирот што се заматува, но следниот изблик што се ослободува од дното им ја враќа свежината на ликовите и на крвта! Оваа питомина што доаѓа како од риса на стомне на добиците им ги сводува муцките во меки полжави, млаз вода и млаз пена се грвалаат во бистрината што истекува во жабурки на гол припек. Водата се навртува во друга бразда, јас сум на средината помеѓу патот и полето. Луѓето ќе си речат по некој доба збор, по некоја недолична, жолчна навреда. Така никнува, зрее, се пече и озарува бериќетот. - Зошто да бидам сведок на ранливи спомени? (Есенските свадби ќе ги зближат луѓето, семејствата ќе седнат на иста софра. Младенците ќе се венчаат дури в црква!) Во долгите калливи зимски ноќи снеговите ќе ги избришат трагите на летната мора. Кој ќе мисли сега на тоа што било? Нека мисли на тоа што е. Отспротива доаѓа девојка (не наведувајте ме, ве молам, да ја опишувам!) Ми кимнува во знак на почит и влегува во нивата. Јас си го продолжувам патот помеѓу она што е и она што треба да дојде. Мајка ми вели: - Земи го грнето, на софрата е, бело ухни на млекото што им се кани на усните, внимавај да не си го потуриш елекот и тој е дар на моиве раце, ледена срма се протега по него како по ластар! Мнозина ми се чудат како имам трпение уште да везам. Земи 'ржан леб од ноштвите заситувањето на гладот е само миг, неколку залаци ја крепат душата. Отвори ги капаците на прозорецот ама внимавај на осата - таа е шарен тигар! Пушти ги зраците на сонцето нека бликаат, нека сркаат попара со тебе, сине мој. . . Си намнисувам: како дете во стар селски манастир дојдовме на панаѓур. Ноќта запалија кандила, свеќи и страсти. . . Огновите се разгореа, шумата се осветли. Како од боцнување на трн невестата имаше сребрен прстен и пресна рана чија крв на пламенот се покажа како развиена латица на трендафил. Токму на слабините од бедрата крвавеше. Во драмата беа повеќе актери отколку гледачи. - Кај се другите?- некој праша. - Таму се поснопица! - одговори. - А кој сè е вмешан со ножовите? - Тоа расправијата би требало да го каже! - Мајко Богородице, што требало до сево ова да дојде!? Ги крши прстите старичката не можејки солза да срони. . . Страстите пукнаа ко зрела калинка - две семејства се завиткаа во црно. Првпат видов мртовец. Усните на прељубничката беа пожолтени како исушен смил, од нив се ослободуваше загасена нијанса на виножито. . . Сега со горчина се присетувам: на актерите на крвавата драма може да им позавиди дури и Софокле! . . . Поминете со една мистрија преку земјаните куќи, да не ги гризе молец, мувла, инаку ќе ве фати темнина, ќе ве растабачи и - искрите на огништето не ќе летаат нагоре, ќе згаснат, а зошто, нема потреба, поминете. . . Дали треба да ја заѕидувате во темелот на мостот Рада невеста - кога ви се моли да ѝ ја оставите (барем!) десната града за да си го надои детето, едиственото нејзино пиле - копиле на природата, не знам?! Знам само дека во манастирот на планината на полпат треба да ги испеете молитвите, да ги запалите свеќите, зашто каде што помага човекот помага и господ. Поминете. . . Јас тргам! Цела ноќ престојувам насамо в поле и ја слушам песната на славеите наврнати од благотворна роса. Ѕвездата бдее со мене. . . Осветлува. . . Славеите се, си мислам, виновници што и ние сме виновници: Ѕвездата и јас. Земам стомне меѓу дланкиве и си мислам - земјата е обликувана според моите строги претсказанија. Ги допирем усните до устинката и чувствувам колку може да ублажи болка водата, таа правселенска пресна Мајка. Тече заедно со гласот на славеите. . . (Во меѓувреме, додека ја пишувам поемава:) - Огненото оружје, пиштолот, вели, не го носам со себе. Можам да излезам кога сакам освен ако нема некоја вонредна заповед! Ќе дојдам со тебе до славјето, ако ме примиш, па нели не сум во униформа, зошто се срамиш?! Зошто се плашиш и од мојава сенка! (В сон: се возиме со автобус до некој непознат град, до некој широк плоштад од каде што се гранеа многу улици. . . По една од нив тргнавме онаму!) - Па нели сè уште не сум убиец, вели, зошто ме заобиколуваш, ме избегнуваш? Јас веќе тргнав и не се враќам! Ако ме оставиш сред народот, ако ја дувнеш и се изгубиш, не бери гајле, ќе те најдам. . . Можам во секој миг да направам од твоето тело да летаат пердуви! Можеби наречниците те одредија да си го прековуваш златното јаболко во калпак, да се одронуваш од кичери ѕвезди во велјо чудо невидено или сјај на скапоцени камења ти ја дувна светлината од свеќа? Нели кладенецот мајчино млеко ти ги напласти мермерите во тебе, та ти шикна крв од градите до усните удирајки ти зажарени печати во едно калливо време? Можеби смртни привиденија изделкани од сури проколненија те препознаа како јунак над јунаците во плетено кошниче кај што се зачнува драма? Можеби наречниците те одредија да ја впрегнеш и да ја тегнеш кралштината по крваво друмје - татково семејно безумје? Можеби. . . Но јас слушам еден глас ме довикува од кај баирите и не сум сигурен со каков скок воинот ќе се фопне на коњот, тој глас е откинат од меморијата задремана во еповите и јас ги гледам меките набори на животното во галоп. Да си избереш ждребе за коњ тоа ти е - како да си ја пронашол среќата, како да си го одредил вистинскиот тек на својот ритам! Во спротивно не ќе има ништо од твојот изведен поход, наврапито ќе ти го пресечат патот, гркланот и коњот. Нозете, рацете, целото тело, сета своја заносна сила, сета твоја суштинска енергија, воину, ако сакаш да успееш, предај му ја на коњот! Фати се за него како крлеж за тестис и настојувај, секако настојувај да ги задржиш уздите не губејќи ги, притоа, правецот, здивот и целта. Кај што си тргнал ако те зафати ендемична болест тоа е друго прашање! Но знај, треба сериозно да управуваш со оваа жива питомина што стенка под тебе. . . Во овој убав и широк свет коњот мора да ги поседува растот, простодушноста, брзината, кревката нежност, огнената напнатост, а пред сè, загработ на нозете со кои ги премостува пространствата од две во четири! Да не заборавиме како треба да се тимари! Да им ги препуштиме облите колкови, задникот и предникот да ги обликуваат недоквакани вајари, на пладне; сакам да кажам дека со таков коњ, со таква сермија, карпите си ја добиваат својата цена: оваа длапка во каменов е од копитото на коњот Шарко, оваа трага во мермеров е од стапалата на Крали Марко, од овој кондир, колку што се знае, пиеле вино заедно! Пред да избереш девојка за жена најпрвин избери огледало на кое ќе се огледува муце од видра! Според бојата на земјата по која се втиснуваат твоите траги одреди £ го тварот, не заборавај го зборот! Храни ја извесно време со суво грозје како што се хранат канаринките. Пред да зачекориш во подвигот погледни £ ги забите (бели?) кажи ѝ неколку простени молитви гласно и јасно! Наостри ја сабјата како секавица низ Димна гора за да ти се гледа. . . Потковај го коњот наопаку со клинци - жолти дукати. Не пропуштај го галавниот адут - виното. Пред да избереш девојка за жена појди на чешма и со часови гледај го млазот вода. . . Колку и да ти се открива како светица таа ќе ти ја одземе силата, човеку, не Господ. Не срди се што не ти ја дополнила чашата течен ќилибар, таа ја знае суровата мера. И не бегај од неа како овчар од магла, не оставај ја усвитена фурна, таа ќе го пече тоа што ќе го рече па макар ти да се здробиш на парчиња во Солунско! Не број го времето со часови, денови, години, симни го јарчето на сржбата од вратот и врати се кај што се врти вретеното. . . Инаку таа знае да биде и црвена мравка, ќе ти ги растури името и куќата. Ќе те остави гол како пиштол а своите рудни богатства на имањето ќе му ги отстапи на Беле Костурчето што ќе ѝ ги прекопува со жешка казма! Глупости! Престорен во божји калуѓер ќе втасаш до раскошни сараи, ќе се докажуваш со остра сабја пред кревката нежност на жената. . . Дури и ќе ја запалиш во сура рогозина, но тоа не те спасува, со тоа не си постигнал ништо. Си го растурил животот на трошинки, си го изарчил ко миски сапун. Пред да избереш девојка за жена ја, побарај го телалот во себе тој ќе ти каже повеќе од сите нас. Пред да избереш девојка за жена загледај се во поморски обрач на сон каде што ти тонат бродовите на прелагите или спореди се со цветна градина во пролет каде што твоите сматени сништа ги голта вода во зелен бунар. Те допираат перки на златна рипка, те опколуваат илјада стрвни лавици, те опточуваат секавици и змии, те заградуваат грамади скапоцени камења. . . - Што дека си син на крал со маска на лицето? Секогаш ќе се најдат околу твојата жена најмалку двајца воини во кола за на лов со намера да ти ја отстрелаат твојата кошута. . . (Како жена му на Агамемнон!) Пред да ѝ го навреш прстенот на прст направи поклонение пред божицата, но подобро е од почетокот да ѝ го вајаш телото во форма на срп што ќе жнее. . . Свеста на жената е свест на итроманка - ласица. Таа е фурка, ѝ треба вретено. . . Нејзиното прекрасно лице во профил нема да те спаси! Тресејќи и закрилувајќи палави ѓердани таа постојано ќе ти доаѓа со затворени очи и отворени гради - снежна лавина урнисана во гротло на вулкан! Дали ќе можеш да ѝ ги испиеш двете одронети солзи? Ај, те прашувам, кажи, нели и твоите мисли како прилепските мермери одлетаа во футка?! Да ти се плукнам на таква историја во која боските на мајките остануваат полни а грлата на децата - цицалчиња празни, запечатени усти со горчлива плунка, отпретани полжави во летно жешко пладне. Три синџири робје, три парталави параспурии, три набуени живи врутоци течат по камени корита во окови горештината со 'рѓосано бруќе им ги приклештува алките, им ги стега, им ги забодува во живо ткиво до коските, по наѕверените лица на мачениците крвта се пие себеси од очите, се ѕидаат истинети остри крикови, офкањата нивни течат ко вода. . . Три синџири робје, три нагрвалени распламтени огнови ако чекаа на мене, на мојата совест и свест и денес ќе беа во ѕвекот и екот! Спасувај и не прашувај за ангелите тие ја престорија смртта сочен плод; низ нивните лелеци, слушаш ли, се гласи болка, истината пепел се рони од цвеќето. . . За да кренеш кули од мрамори, да преораш друмје, да скротиш стерна, да запреш река во буен тек, да намножиш села крај сини вирови, по осои и присои да посееш гробје, потребни ти се нови робје! - О, Крали Марко, да знаеш ќе те стаса клетвата! Дребните деца ги престори дребни камења од Кукул до Прилеп ни ги усложни пристапите меѓу стиховите на еповите и јунаците во нив вметна заплет на женски ликови и еве сега: силна возбуда ни ги потресува дамарите! Нè преорува мисловно рало. Сновиденијата нека ги сноваат сновалките во одлетани снегулки памук, самовилите, место цвеќе, нека ти собираат суви ластари, во лозјата не зрна, ами шипинки нека ти зреат, и луди ветришта да те веат, да даде Бог, сите налудничави заедно со тебе просо да требите за да се лебите. . . На јасиката лисјата £ окапале, гола е, доцната есен се качува до врвовите на планината. Слуша музика од голите бичеви на гранките на осаменото стебло. Се меша со тоновите на безбројните стебла што се прелеваат од планината. Низ неговите сетила протекува шум далечен, темен, неизвесен. Во студена бука плиснува пријатна, неповторлива мелодија, морничава жуборливост се ткае во симфонија за која не може ништо да се каже освен дека таа во свеста постои, дека потонува во бистар кладенц кој уште не излегол надвор, не се сретнал со окото на сонцето. Помислува: "Нема за мене мир, спокојство нема, за мене нема утеха, го нема сонот мој!“ Се сомневам дека Крали Марко загинал на бојното поле, во Ровине, јунаците не се предаваат туку така! Па сепак, прашувам: - Што ти требаше, трагачу, да умреш? Зар не знаеше дека отсекогаш носиш над табанот од десната нога, до глуждот, едно мало бољаче, ситно, ситно, поситно од оловно зрно уров, поситно од прекапано гласче на славејче, темно узреано лешниче, тоа, бољачето, потешко е од Земјината тежа, те одвлече надолу со епски глас, те престори, бога ми, близнак на гранит! - Го барате, а зошто Ви е? Велиш еве го, се враќа ошумоглавен трагач. Тој рече: - Патот го одбележувам со временски магистрали, а на патот - снопишта од расфрлани копјишта. . . Трагам кон сегашноста, се свртувам кон стварноста, новосветскиот разум ми покажува сечила. . . За да си ја видам зеницата зазреана поминав низ три напрстока од тунели во камен ископани со нокти и ќускии од недугави затвореници. . . Не сум пропатувал ни два милениума наназад а веќе гледам: се преобразува пределот, огрдува пејзажот (волшебно кралство од исчезнати спомени. . .) Пред молкот на планината, на полпат од сртот, гласот во мене повторува: блазе си му на шумарот што се заплеткува во сончева пајажина, милуван од ветер, тој гледа булуци облаци престорени грутки снег нат питомите рудини до засекот на карпата, додека јас на рамења носам преку овој брег два воденички камења (црвени како крв!) едниот одовде другиот одонде за да ми стежнат на клепкиве, да ме престорат заумно вклештено сенило пред да ми се разденило. . . Им се милкам на камењата што мелат зрна и коски в грозна закана и замка да ме сронат во Вселената ситна прашинка на црна дамка, црна дамка, црна дамка. . . - ЛИТАК МУДЕР . . .Сред чумово оро, Татко, осамен сум. Малев, премалев ме свитка болест. Ко славеј в сеник Прличев пое. А оној Арсениј, рисјанин од анагорски Кинчи - лаг е со нова визија. Татне оро в зар. Се селев со Шелеви ко вон од лешник што прави ешко. На пат икс вошкат, коскат човек, сон не ме вреба, пушач без жар. Оца ми, думам: Селам прави Мила пред Црне од Вапила, литак мудер. Лук крадел Дракула, вол едрат, стрв - и ошумоглавени, збрлавени, засек на чума. . . ЛАВАЛО И ГРАКАЛО - Пис! - куче ако ја свиткаш опашката в газ, ќе те сонувам со крвава ѕвезда на чело јас. Ѕверу - не ти дојде умот. (Мојот и онака одамна одлета.) - Пис! - куче кај мене гавран долета. Море куршум за тебе лавало. В чело! Ајде - ќе ти ги искубам перјата стрвна птицо. Гракало! (Се грчи моево лице.) Гавранот клунот во дробот ми го пика, кучето забот во бутот ми го рие, Тројцата крвариме ние. - Иш! - гавран - Пис! - куче - Блик! - крвје. Со болка од пична жила ги храниме планинските врвје! КАЈ НАМ (Кај нам) е адет - да се витка комат со губа тенка, в ан и цар азил да бара, јанѕа на врата да тропа; да топат руда - ажур (во Саса!) а ровја од тапан - неба на олук да чука; па бес в кинеж да раси ретка женка! (Кај нам) за показ зар не бил несирен оној ардак*, лештар, па со прст за Ана - писар - стих сро(н)чил! Се мота (а сам подлец) нотира, а чај - липок - сипа додека на иниграм рел фусноти на мајка му ѝ делкал аловен крст? (Кај нам) и Теба ум ни дала! "Рок - пок“ - сипе современа музика(ј); на гумно игумен, орач, столар кошкаат ора. Кај им е тоа едро од збор? - Еј, ти! - Кај им е оној нерез од н е в е р м о р?. . . *Ардак во ловечкиот говор е - пастув. КОСИДБА (увертира) Горе исар - салта кота! Сонар разли - елемија. Липок реви јадер немак, ако клепам коса в нагон до слабина ерти плевел и рамена лошо мота. Долг е денот, а кус часот, карак сипе тупак ален, вреба огрив атот лаком - коник сончев што се ближи омар в акал ми шеволи. В далеж око дактил гледа, шум на извор пак ромори - ко бел литак кос се влече, немак множам со себеси, а јод плиска од небеси. Далјан лежи во чаура, намитроса сува коска. Гипс се рони, леб се пече, жар се жари, пот се цеди, на рака ми - бакар спален! Полегнати војски, племја, на синии лемет зелен, не сум тиран, спак аура, глод лук сум и гледај, косам да волева род на земја. . . А со небо одрон збира! ЛОВ 1 Ловот е чара. Рекоа: отсем мене минал (а не бил на нишан од двоглед тој шут несон - Картуш.) Ведро, а немушт Марс апе. О, снежинка се топи ко барок на рабуш. Актуелен лов с мади, о, лаги ласкави. Рудино, квит! Кануј го, леба ми. Тој е флизер на машка дивина, на драки од куна, ласица. . . 2 Карпач масив леди а суна, лови - ха! - дивина. Е, викам: витка и мота а туби, на китна асура ниту легна. Матичен атавизам ја ател Анита. Се врати пасак. Скепса за лов. Ротер е дам, дори јадел (г!) текса* месо в акро - татнета провалија на "изок“ и на "врц“ атакува и бара трофеј а нема дори за код. Е па, не се со ре(н)та, (кар!) Потерата не е в ред! Продолжува. . . * Текса во ловечкиот говор е - срна. НОЌНА РАПСОДИЈА Рече: "Место снимка ми покажа топла вена Таа - вулец од жена!“ Крај корав метал будно ја ратев, оледив изум и станав винар. . . Па зев по зевот ко ливок целев по зелен присој крај гранет чинар ѕвонев ли ѕвонев ко отнат дулец. . . - Лај, лисо, лај по брегот на Лисолај*, ама мисли и на замка! - - О, та - те! - Оооооооој! - - ∕то е тоа што го бркаш? - - Ут, бре, ут! - * Лисолај - село во Македонија АНЕ - АКТ На Кича ѝ треба абен нагон тап, нему - и јак ат, со грива суна и трома; не чу ли, оти Проку преку веди му рекла: "Таа идна перка ти била!“ Ти била, ти била. . . Нотна линија, зар вода од Лим? Руж - жаба зари му аван од ебеница, тенчи, тенчи. . . О крек £ се чу, и не чу! Недра отпасе, а сидра отна. Ај, ангарија. И кај нам еден ум, а кај вам? О, неба! Кој акна - арам! Ав - крц - лагер, а там нови едра ригна, пирави нечитлив фар. Зона - црна риза - ариза. Болко мазна, ноќта отна вир. Три исиња вода едно исе земја, Аритон вика в сон: "Е, длабок кањон, шуми ли ратат. . .?“ ШУШУЛЕ Ром - оп - на ринг! Ран лов бара - живи траги - прав на тапан. Ливок Катро со ракавици скока преку "евин брег“, рајар со арак - левак е, се виде, по ударите. . . Бантам категорија - "сек - роб“!* Резач на аплаузи и јаничар со катапулт в плексус. . . Вртимушки најавија дека на рингот ќе има уште дај - земај, а јас, ценет неук вазал (простено нека ми е!) додека одблизу гледам борба, глуво, ко боцливо шушуле се пикам в уво. . . Зол позер? Така. Да. Квит. *"Сек - роб“ во ловечкиот говор е боксерски термин за тактизирање ПАРТИЈА ПОКЕР Комар не носи пара. А ганс карти донесе тате. В ален локан налеј: "ак“ - "чип“ - "кар“ до "ре“ трев, на спатја дама легна "а“ - кец. "С“ - утроба перка - гард. Носам ценар, ѝ отна налок оној сипак келав на Мара - "пик“. И носи - "разец“. Ако се пикнат (в игра) Абду Авал Ситар (Б), Анзо Атлај (Р) со локер - лака - не е така лесно да се ќари денар. КОЛИКОКОШ Лиска фодул зад шамак Чук, чук! Капе учо в трем. В ан се распостила. . . Заре чука лучка. Од локан до ровтек ангел лета од Амур, Синдо литак - апоказ. Еј, ти, луд, ела, шупи амо е акшам. Има мала кучка иии! Лево, десно ај, кун! Жур и дамла. . . Ак, чук, кап, еј мурдар, руди, росно але ати воздушен гем. Зол глог. Оди, кеси удри, асли го. Агно, гони лиса - коке! Имај исаф в долап лапа зима. Цин, цин, лоза - то преку глог дере. Фил и рогозина. . . Лепи панел Анабел Ли. Бос, ај, ат отече. Течен видар лисок собен. Од немар Маре тргна резе, зеде нишан: бум! Насон гледај заклан петел в тава. КЛАНИЦА На Јордан Плевнеш На дланката кај ѝ е сјајот? Сè што беше, така мина. Оставнина, оставнина. . . Ѕид до ѕидот, заб до забот, до живата - мртва глава! Сечилото горе виси. Мазивата се слеваат в делта пресна - нешто клука, шиба реа, тече вода, тешка ава. Острицата се забоде во вената, алената, рогот запна во плевата на Кумовата Ти слама, а јас крикнав: "Зар Ти тука?!“ - Кого гледам сега в рајот? - Сотоната живот краде - Мурџо лежи, сè без мера, со нозете оптегнати до светлосна (ТИ!) Венера. Крвта топла капе, капе, (крвој в кофи носи нана!), се наѕира здивот секнат преку драка, преку стена, ко смрзната вода да е - ја чувствувам на месото раката ми - исушена. . . - Кој се тели, се котели! - СЛИКА ("Мајчинство“) Легнав, извори бели течат на платно, туби - алец - боја обликува рамења, јава ждребица јадра. Ти пречи чапрак, нели? Таа - вокал - жена скоро ќе стане жар! О, резе, вода, слика зошто ти се? Фрли ги! Изрази се со топли ноти. . . Ижееси, наколно, Ван Сан*, не е за в снег слика со нартик да се фрла, туку со рамка в рај! По реч мудар, рави осилен тих налбат велигденски јајца вапсани! И - ха на куп истурај негасена вар! * Псевдоним на сликарот Вангел Наумовски. СОЛЗИ Ковит немак писан се мати. Бигор в оклоп (крева) рација. О, неред ли? Е, и чин, на куп! Археологија. Археолог. Море Паско Кузман ископа коски и монети. (На, тука, семејна гробница од преку 17 столетија.) Принцеза, велиш, в одрон - авка! Така прстен светка жива жар. Е, липок, вихра хартија - нема. Само пепел ладна в око. Ај, и скала камена. . . Аризан брош, остинат сач, мазиво малтер стега. Вруток од солзи перка и рати право в земја. Штедам теквало, ронет, в несон, збор. За солзи истапани в земја. О, солзи! Солзи! В стаклено боце, скршено, читам: "Гринич ми се врати за атар. . .“ Кој? Гринич? Оти? - Уш, томе. . . СОЗНАНИЕ Ако масив, актив, ко мора в ум ти ачка, ич, нив, ад - со акти да не ги каниш! Ќе видиш - јас сум ти најдобар мецена. . . Се вангелосав, легнав ничкум, пергел, ни ратев, ни атев, ни матев, а сепак жнеев зла. . . За незнајна - мразулец жена! АЦИН Кој? - Ацин? Свештеник или филозоф? - Е, касап, род? Некој Лопез потап е и од мене. Шави до Шагал (сликарот), зијан е, се гледа, ама и шерет: килав. Чекај! Пагур, повели, мој. Не служи Сара винарка со винаре, ама и со ветришта. Сее инаети на песок и на чибук! На здравје. . . ПАЈАЖИНА (ноќ: јас в размисла, лаик) А совил сон в гнездо дрозд, ене ги, си јадат дроб - и вандал и дамла и катил! "Просторот ме плаши. . .“ Сите сме, та горе ѕвезди, сево семе е в растур! Вселено, чател стебло зелен ивер, а јас - не чинам. На недре ми лебдел снег. Оросено горје, загледај се: а до бол лаж од лош изум носам, о! резе, ваакум отвори ми само в ум, па ќе мислам дека сум в бескрај! Мижел в спокој на рати, разумов мој, ама има ко в јак полк - измислено име, а висат бескрајни лузни - руна, Пајажино, недостижна си ми рима! КАМЕН Камен азил бара во себе. Висам, вели, пакосен сон ми тежи со гол, а до бол, несеан песок. Насип в далеж клопот носам јас, гледај, пламен јурев кон матичен шум на пантеон! И тони бела пламница ми дава и лути, лути, мраз ко мартов сомот. Веруј, не ракам по дол плод од блесок, ај! и риса да повлечам, реков, а пука гранат лапорец во домот и се ежи циничен бигор. . . и влажи. . . Немак мрамор Латин чинел в липок сарај клај, а тој камен мател рамче на слика до пресвета Мона Лиза! Мој камен има и под тап агол на кривата кула, во Пиза. . . Ај, Во кошара е втиснат каде што блее јалова ѕвиска (уште!) не мркана, камен в гробница (о, Нефретете!) на Адам, пред Тутанкамон, камен - е вѕидан до корен од јаболко, каде се ткае хармонија збркана. . .